Стручната расправа во Апелациониот суд Штип е прва во серијата расправи за новиот Кривичен законик на ниво на апелациони подрачја. После 27 години се добива нов законски текст со кој ќе се подобри правната сигурност на граѓаните.
Министерот за правда Никола Тупанчески, во своето обраќање се осврна на новините во неколку клучни сегменти. Со новиот Кривичен законик се врши редефинирање и хармонизација на пропишаните казни за одредени кривични дела кои отстапуваа од целите на казнената политика.
„Од анализата на досегашната примена на Кривичниот законик, можеме да констатираме дека примената на мерката конфискација претставуваше особена слабост. Новините во оваа сфера имаат за цел отстранување на лоцираните слабости со што ќе се зголеми ефикасноста во примената на овој институт. Исто така, одредбите за конфискација се целосно усогласени со Европската конвенција за човекови права и јуриспруденцијата на Судот во Стразбур. Не помалку значајни се и новините кои се однесуваат на кривичните дела „Тортура“ и „Малтретирање во вршењето на службата“ и нивното незастарување како резултат од конкретни злоупотреби што резултираа и со пресуди од Судот во Стразбур против нашата држава”, рече Тупанчески.
Министерот за правда посочи дека посебно внимание во изготвувањето на новиот Кривичен законик било посветено на негово усогласување со најновите меѓународни стандарди. Во сферата на перењето пари биле рзгледувани документите од Манивал. Во областите поврзани со недозволеното производство и трговија со оружје, Кривичниот законик беше целосно усогласен со Протоколот на Обединетите нации.
Значајно е и усогласувањето со Директивата на Европската унија за борба против измама на финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право.
Изминатиов период, во јавноста се посебно актуелни случаите за загадување на животната средина. Во тој контекст се и новините во Кривичниот законик во оваа област и тоа преку целосно усогласување со меѓународните стандарди, воведување ново кривично дело „Екоцид“ и квантифицирање на дејствијата на извршување во кривичните дела против животната средина со пропишување на мерливи параметри кои се однесуваат на загадувањето на животната средина.
Процесот за донесување на новиот Кривичен законик е поддржан од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, за што министерот за правда, Никола Тупанчески изрази голема благодарност. Во текот на месецот, стручни расправи за новиот Кривичен законик ќе се одржат и во апелационите судови во Гостивар, Битола и Скопје.
извор: Влада