Турканици и тепачки меѓу пратениците на власта и опозицијата во српското Собрание

На седницата на Собранието на Србија на 25 ноември дојде до турканици и тепачка меѓу претставници на власта и опозицијата. Во инцидентот покрај пратеници учествуваа и владини министри, а ги раздели собраниското обезбедување.

Во преносот на собраниската седница тонот беше пригушен, па не можеше да се слушне што си зборуваат пратениците, ниту беше јасно како започнал инцидентот.

Она што може да се види од телевизискиот пренос е како членовите на власта и опозицијата ги разделува собраниското обезбедување, додека се удираат, влечат, туркаат и полеваат со вода меѓу себе.

Претседателката на Собранието Ана Брнабиќ ја прекина седницата, но инцидентите во салата продолжија и откако таа нареди пауза.

Пратениците од опозицијата претходно најавија дека ќе ја блокираат работата на Собранието бидејќи претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, го одби нивното барање да се закаже седница на која ќе се расправа за гласање недоверба на Владата, по несреќата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, каде се урна настрешницата и притоа загинаа 15 лица.

Опозицијата бара разрешување на премиерот Милош Вучевиќ, како и утврдување политичка и кривична одговорност за несреќата.

 

 

 

slobodnaevropa.mk