Туркије: Уште четири брода кои носат жито заминаа од украинските пристаништа

Уште четири брода ги напуштија украинските пристаништа според договорот за извоз на жито во Истанбул, соопшти турското Министерство за национална одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Бродовите кои носат сончоглед, сончогледово масло и пченка заминаа од украинските пристаништа Одеса и Черноморск“, соопшти Министерството на Твитер.

Туркије, ОН, Русија и Украина минатиот месец потпишаа договор за обновување на извозот на жито од украинските пристаништа Јужни, Черноморск и Одеса, кои беа затворени поради војната меѓу Русија и Украина која трае веќе шест месеци.

Заедничкиот координативен центар (JCC), со претставници од трите земји и ОН беше формиран во Истанбул за да ги надгледува испораките.

Од првoто испловување на 1 август, 25 бродови ги напуштија украинските пристаништа според договорот.

Договорот и со него поврзаниот развој ќе бидат во фокусот кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе се сретне со украинскиот колега Владимир Зеленски и шефот на ОН, Антонио Гутереш во Украина в четврток.

Ердоган ќе биде во западниот град Лавов на еднодневна посета на покана на Зеленски. Турскиот и украинскиот лидер исто така ќе одржат билатерални разговори.

За време на трилатералниот Самит „ќе бидат разгледани потенцијалните чекори насочени кон одржување на активностите на механизмот формиран за извоз на украинското жито на светските пазари и ставање крај на војната меѓу Украина и Русија преку дипломатски пат“, според Директоратот за комуникации на Туркије.

Планирано е Гутереш да го посети Заедничкиот координативен центар во Истанбул в сабота.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).