Турскиот тим за поларни истражувања денес замина од Истанбул за Антарктикот за да ја спроведе седмата експедиција на ледениот континент, јавува Агенција Анадолија (АА).
Група од 19 турски и тројца странски научници ќе работат на 18 научни проекти, изјави Бурџу Озсој, координаторка на експедицијата.
„Подготовките за научното патување започнаа пред 11 месеци“, рече Озсој, директорка на Институтот „Каре“ при Советот за научни и технолошки истражувања на Туркије (ТУБИТАК).
„Ако дозволи времето, ќе се качиме на брод по пристигнувањето на Антарктикот и ќе спроведеме вкупно 18 научни проекти“, истакна таа.
– Тројца средношколци дел од тимот –
Озсој рече дека овојпат на експедицијата се приклучуваат и три средношколки откако го освоиле првото место минатата година на Текнофест, најголемиот настан во Туркије на полето на технологијата и авијацијата.
Говорејќи за нивниот проект, Зејнеп Ипек Јанмаз, членка на тимот средношколци, рече дека биолошката пластика што ја добиле од желадот на дабот се разложува за 45 дена за разлика од широко распространетата пластика којашто се разложува во природата за 450 години.
„Првин, го презентиравме нашиот проект пред жирито во Гиресун (северна Туркије). Бевме избрани за први во физичките науки. Потоа бевме интервјуирани на Текнофест во Самсун и бевме избрани како први со што се квалификувавме да одиме на Антарктикот“, рече Јанмаз, на која на патувањето ѝ се придружија и средношколките Азра Ајше Бичакџи и Хилал Башак Демирел.
„Освен тоа што имаме млади девојчиња, бројот на научнички во нашиот тим оваа година е поголем отколку во претходните експедиции. Тоа што имаме жени научници на теренот е голема сила за нас“, рече Озсој.
„Нашите средношколци ќе имаат поинаква програма. Тие ќе ги посетат базите на другите земји, ќе се сретнат со научниците од другите земји и ќе имаат можност да работат во научни лаборатории“, додаде таа.
извор:Агенција Анадолија (АА).