Турските серии беа извезени во 170 земји во 2023 година и остварија приход од 600 милиони американски долари

Околу 60 жени, мажи и деца стојат пред широките мермерни скали на хотелот Пера Палас во Истанбул, изграден во нов стил (Арт нуво) и го гледаат речиси 130-годишниот електричен лифт во облик на кафез кој штотуку ги симнува гостите. Хотелскиот портир ја прашува групата дали чекаат за обиколка и дознава дека меѓу нив има посетители и од Шпанија.

„Се разбира, откако се емитуваше серијата, доаѓаат посетители од целиот свет“, вели тој. Многумина доаѓаат да ја видат оваа раскошна локација за снимање и да се нурнат во историјата, барем за момент.

Серијата за која тој зборува се вика „Полноќ во Палатата Пера“ и е базирана на истоимената книга на американскиот автор Чарлс Кинг. Од март 2022 година, серијата е достапна ширум светот преку платформата за стриминг Нетфликс.
Приказната започнува со новинарката Есра, која сака да напише статија за хотел отворен во 1895 година, каде што престојувале меѓународно познати личности како Агата Кристи, Алфред Хичкок, Грета Гарбо и Ернест Хемингвеј.

Од менаџерот на хотелот Ахмет, хероината Есра дознава една тајна: со клуч од стара соба од оваа луксузна зграда, може да се патува низ времето. Есра патува во 1919 година и станува сведок на меѓународен заговор: британски командант планира обид за атентат врз основачот на државата, Кемал Ататурк, кој мора да се спречи по секоја цена. Така започнува историска авантура во стариот европски дел на Истанбул.

Извоз на серии во повеќе од 170 земји
Турските серии уживаат голем меѓународен успех од средината на 2000 години. Според турската Асоцијација на извозници на услуги, тие се продаваат во 170 земји годишно. Според некои проценки, овие продукции генерирале приход од околу 600 милиони долари во 2023 година. Се очекува да се надмине прагот од една милијарда долари во 2024 година. Според турскиот министер за трговија Омер Болат, турските серии во исто време ги гледаат 800 милиони гледачи ширум светот.

Патот до успехот започна со драми како „Сребрена“, „1001 ноќ“, „Езел“, „Величествениот век“ и „Црна љубов“. Први купувачи беа Казахстан и Азербејџан, а набрзо следеа арапските земји, Латинска Америка, балканските земји, Русија и Европа.
Аналитичката компанија Парот Аналитикс го следи глобалниот развој на забавната индустрија. Според нивните податоци, побарувачката за турски серии се зголемила за 184 отсто меѓу 2000 и 2023 година.

Романтични драми и социјална критика
Според турскиот совет за надзор на медиумите RTÜK, во Турција секој ден се гледаат просечно четири часа телевизија, главно серии во ударен термин. Повеќе од 70 проценти од сите домаќинства имаат претплата за стриминг услуги.

Понудата е голема: од љубовни приказни и комедии до историски и социјални драми. Но: колку сериите се поотворени и покритични, толку почесто се на удар на турското правосудство.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не крие дека не ги цени овие серии. Политикологот Хаки Тас од хамбуршкиот Лајбниц институт за глобални и регионални студии (ГИГА), вели дека Ердоган дури ги нарече овие продукции закана за националната безбедност и ги обвини за исламофобија. Потоа повторно беа воведени казни.

Пред една година ДВ објави за забраната за емитување и паричната казна за серијата „Црвени пупки“, која се осврнува на длабоките поделби меѓу секуларните и религиозните групи. По успешното деби кон крајот на 2023 година, поддржувачите блиски до владата жестоко се побунија против серијата, тврдејќи дека „Црвените пупки“ ги навредуваат религиозните чувства. Радиодифузерот е казнет со двонеделна забрана за емитување и парична казна од 275.000 евра.

Во последно време турските власти обрнуваат внимание и на уметничките агенции. Против дваесетина од нив се покренати истраги за наводни договори и кршење на законите за картели.

Повеќе од бизнис
Турската влада има двоен однос кон сериите: ги користи и како платформа за пропаганда, преку која сака да влијае на јавното мислење и да ги шири своите идеолошки ставови.

Додека приватните продукции сè почесто се под притисок, државата масовно инвестира во сопствени серии. Секоја година, државната телевизија ТРТ нарачува бројни серии кои ја прикажуваат историјата и „вредностите на турската нација“ од исламско-конзервативна перспектива. Еден пример е „Воскресението на Ертугрул“: серија што го прикажува животот на древниот турски племенски водач Ертугрул во 13 век.

Покрај тоа, државните продукции се користат и за клеветење на критичарите или нивно прикажување во негативно светло. Впечатлив пример е продукцијата на ТРТ „Метаморфозис“, во која бизнисменот и борец за човекови права Осман Кавала, кој е осум години во затвор, е претставен како државен непријател.

Што планира да направи владата?
Политикологот Тас смета дека турската влада се обидува да наметне начин на живот на општеството според визијата на АКП, партијата на претседателот Ердоган. Сериите кои отстапуваат од оваа норма се соочуваат со мерки, казни и притисоци да ги замолчат. Во последниве години, сериите станаа еден вид вентил за социјална критика. Пораките се скриени во ликовите и заплетот. Од успехот на опозицијата на локалните избори пред една година, овој тренд е се поизразен, заклучува Тас.

 

 

 

DW