Експерти од Техничкиот универзитет на Блискиот Исток (МЕТУ) во Анкара развија уред невристор со микроелектромеханички систем (MEMС) што го продолжува животниот век на батеријата на телефонот за цела година, јавува Анадолу.
Бариш Бајрам, професор по електротехника на МЕТУ, за Анадолу изјави дека уредот МЕМС невристор се заснова врз тоа како човечкиот мозок ја интегрира и обработува меморијата.
Развиен во истражувачката лабораторија УЛТРАМЕМС, уредот МЕМС невристор работи веќе четири години со поддршка од турското Министерство за индустрија и технологија, Советот за високо образование (ЈОК) и Советот за научни и технолошки истражувања на Туркије (Тубитак).
Бајрам објасни дека проектот е инспириран од студии во кои се испитуваат сличностите помеѓу мозочните клетки и системите за енергетска ефикасност.
Тој спомна дека уредот МЕМС невристор сега е целосно компатибилен со постојните производни процеси и може да биде прифатен од компаниите на глобално ниво за производство.
„Човечкиот мозок троши околу 25 вати енергија“, рече Бајрам, „ако треба да извршиме операции слични на човечкиот мозок со најсовремениот процесор, тоа би било еднакво на 25 мегавати, што значи повеќе потрошена енергија.“
Бајрам истакна дека интеграцијата на меморијата и процесорските единици во мозокот е клучен фактор за енергетска ефикасност, а компјутерите користат мемориски модули и процесори слично како мозокот.
„Во компјутерот, информациите постојано се движат од меморискиот модул до процесорот за да се обработат таму и потоа се враќаат во меморијата, а овој постојан трансфер ја зголемува потрошувачката на енергија и предизвикува одложувања. Меѓутоа, во невроморфниот процесор што го развивме овде, меморискиот модул и процесорот се затворени во иста структура и затоа неговите процеси бараат помалку енергија“, рече тој.
„На пример, во моментов треба да ги полниме нашите телефони секој ден, но ако транзисторите во телефонот се заменат со МЕМС невристори, тогаш нема да треба воопшто да ги полниме нашите паметни телефони цела година“, додаде тој.
Бајрам истакна дека луѓето секојдневно ги користат своите телефони, а многу задачи се извршуваат на оддалечени сервери поради недоволната процесорска моќ во телефоните, што доведува до потенцијални ризици за заштита на податоците.
Тој истакна дека уредите МЕМС невристор не само што ќе ја намалат потрошувачката на енергија на телефонот, туку и ќе им овозможат на уредите локално да се справат со задачи со висока обработка, подобрувајќи ја заштитата на личните податоци со намалување на зависноста од надворешни сервери.
Бајрам, исто така, говореше и за високата потрошувачка на енергија на системите за вештачка интелигенција (ВИ), кои се потпираат на системи базирани врз транзистори. Ладењето на овие системи е предизвик за големите центри за податоци, како што е Гугл.
„Поради оваа причина, тие обично се инсталираат во морињата за да ги ладат, но ако овие системи се изградени со невроморфни процесори, кои би го користеле нашиот МЕМС невристор, тогаш би можеле овие центри за податоци да ги инсталираме дури и во пустини бидејќи ќе нема проблеми со греењето и со намалувањето на потрошувачката на енергија и зголемувањето на перформансите може да придонесе и во борбата против климатските промени, можеби ќе исечеме помалку дрвја и ќе се претвори во поеколошка технологија“, рече тој.
Бајрам нагласи дека уредот МЕМС невристор развиен во Туркије ќе ја револуционизира технологијата и на локално и на глобално ниво. Тој истакна дека компаниите, како што се Аналог Девајсес, ХП, ИБМ, Нвидиа, Амазон и Гугл се меѓу оние со кои планираат да се сретнат за да го претстават првиот МЕМС невристор во светот.
Бере Визе, истражувачки асистент по електротехника во МЕТУ, за Анадолу изјави дека постојните уреди невристор сè уште не се погодни за индустриска употреба, но МЕМС невристор што тие го создале ги исполнува потребните барања и има потенцијал да ги трансформира здравствената заштита, финансиите и транспортот овозможувајќи побрзи и поефикасни компјутерски системи со вештачка интелигенција.
„Иако сè уште сме на почетокот на глобалната револуција на невроморфните процесори, ќе работиме напорно за да придонесеме за пионерската и водечка позиција на Туркије во областа со нашиот домашен изум“, рече Визе.