Турција: Млад сладоледџија ја продолжува традицијата наследена од дедото кој мигрирал од Македонија

ЧАНКИРИ (АА) – ОМЕР ФАРУК ЧАЛ –

Дваесет и осумгодишниот Оркун Гурер од градот Чанкири во Туркије ја продолжува традицијата на правење сладолед во овој град со рецептите што дедо му ги донел од Северна Македонија пред околу половина век, пишува Анадолу.

Рашит Шенгоз, дедото на Гурер, кој бил мајстор за сладолед во Северна Македонија и мигрирал во Туркије во 1980-тите години, заработувал правејќи и продавајќи сладолед во различни градови во Туркије.

На крајот во 1994 година дедо му отворил продавница за сладолед во Чанкири, каде што тој и неговата ќерка продолжиле да произведуваат сладолед до 2017 година.

Оркун Гурер ја учел оваа вештина од својот дедо и во 2019 година го започнал бизнисот.

Како член на третата генерација сладоледџии во семејството, сладоледот го прави со природен салеп и млеко.

Гурер за Анадолу вели дека со процесот на производство на сладолед се занимава уште од детство.

„Ја продолжувам оваа професија што ја наследив од дедо ми како трета генерација. Вистинскиот сладолед се состои од три главни состојки. Млеко, салеп и шеќер. Семето од салеп што расте во планините го купуваме и сами ги мелеме во мелница. Секој ден добиваме свежо млеко од фармите. Како засладувач користиме кристален шеќер и не користиме никаква боја, гликоза или глутен“, вели Гурер.

Тој истакна дека произведуваат околу 28 видови сладолед.

„Правиме овошен сладолед од природно овошје. На пример, од селаните купуваме капини кога им е сезона и ги замрзнуваме. Како и во секоја професија, така и во нашата наидуваме на тешкотии. Иако однадвор сладоледот може да изгледа како лесен производ, млекото, салепот и плодовите бараат интензивна работа. Накратко, правењето сладолед е занает“, вели тој.

Истакнувајќи дека им останал верен на рецептите што ги научил од својот дедо, но и дека некои ги подобрил, Гурер рече дека некои тајни, како што се времето потребно да зоврие млекото, времето потребно млекото да се соедини со другите состојки и процентот на млечна маст, играат важна улога во производството на сладолед.

 

извор: АНАДОЛИЈА