Над 232.000 згради се сериозно оштетени или веднаш ќе бидат срушени во регионот погоден од разорните земјотреси на 6 февруари, соопшти турскиот министер за животна средина, урбанизам и климатски промени, Мурат Курум, јавува Анадолија.
„Утврдивме дека 232.632 згради, вклучувајќи 651.416 поединечни секции, се сериозно оштетени или ќе бидат веднаш срушени поради земјотресот“, рече Курум на состанокот во југоисточната турска област Малатија.
Курум истакна дека прегледале над 1,7 милиони згради кои се состојат од над 5,7 милиони поединечни секции во областите погодени од земјотресот.
Проценката на штетите е завршена во областите Газиантеп, Кахраманмараш, Адијаман, Османије и Килис.
„Започнавме процес на изградба на куќи во рамките на најголемата кампања за изградба на станбени објекти во случај на катастрофа во историјата на Република Туркије. Ќе изградиме вкупно 66.230 домови и 21.549 рурални куќи во Малатија“, прецизира Курум.
Додаде дека надлежните одредуваат соодветно место за градба и во координација со експертите и локалната самоуправа го започнуваат процесот на изградба.
Изградбата на 27.849 куќи во регионот ќе започне до 9 март, рече Курум, и наведе дека во следните два месеци ќе започне изградбата на 309.000 домови во сите обасти погодени од земјотресот.
Над 46.100 луѓе загинаа во разорните земјотреси што ја погодија јужна Туркије на 6 февруари.
Земјотреси со магнитуда од 7,7 и 7,6 погодија 11 турски области на 6 февруари – Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа. Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Туркије беа погодени од разорните земјотреси, како и многу луѓе во северозападна Сирија.
извор:Анадолија.
фото:Анадолија.