Хрватската канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК) потврди дека отворила истрага за бизнисменот Јосип Шинцек од Вараждин и за уште девет други осомничени лица за тешки еколошки злосторства, откако беа уапсени на 13 февруари.
Агенцијата за соработка за спроведување на законот (Европол) на Европската унија (ЕУ), пак, на 14 февруари објави дека хрватската полиција уапсила 13 лица во врска со овие кривични дела.
„Криминалците заработиле најмалку четири милиони евра незаконски фрлајќи медицински и опасен отпад од Италија, Словенија и Германија во Хрватска. Се проценува дека најмалку 35.000 тони отпад биле фрлени незаконски“, соопшти Европол.
Лабораториските анализи покажуваат дека нелегално фрленото ѓубре, кое лажно било прогласено за пластичен отпад што може да се рециклира, законски се смета за опасен отпад.
slobodnaevropa.mk