Уапсен основачот на банкротираната крипто-берза ФТХ

Властите на Бахамите објавија дека 30-годишниот Американец бил приведен вчеравечер (12.12) во станбен комплекс надвор од главниот град Насау. Причина се прекршувањата од финансиска природа против законите на САД, како и на Бахамите, објави DW.

Американските власти го потврдија апсењето: „Вечерва, властите на Бахамите го уапсија Самуел Бенкмен-Фрид на барање на американската влада, врз основа на обвинение поднесено од американскиот обвинител за јужниот округ на Њујорк“, соопшти обвинителот Демијан Вилијамс. Бахамските медиуми цитираа соопштение на државниот обвинител на карипската држава, Рајан Пиндер. Според соопштението, на апсењето на Бенкмен-Фрид му претходело известување од Соединетите Американски Држави: САД поднесле кривична пријава против него. Според Пиндер, Бахамите „веднаш“ ќе го исполнат веројатното барање на САД за екстрадиција.

ФТХ – едно од најголемите места за тргување со криптовалути со седиште на Бахамите – колабираше пред неколку недели, по огромниот одлив на средства во рок од неколку дена. Бенкмен-Фрид, кого во крипто индустријата честопати го нарекуваат само „СБФ“ и кој живее на Бахамите, ја објави својата оставка на 11 ноември и поднесе барање за стечај на концернот во американската сојузна држава Делавер.

Во САД се во тек истраги и групни тужби против Бенкмен-Фрид. Тој неодамна тврдеше дека ФТХ има доволно пари за да ги исплати клиентите. Меѓу другото, постои сомнеж дека Бенкмен-Фрид незаконски префрлил милијарди долари на компанијата Аламеда Рисрч со цел да ги надомести загубите од високоризичните трансакции.

Подемот на криптоберзата ФТХ важеше за феноменален. За нецели три години компанијата достигна вредност од 32 милијарди долари. Банкротот на ФТХ минатиотмесец го потресе многу крипто светот и го урна курсот на повеќе дигитални валути, како биткоинот.

извор: DW.