Украина размислува за присуството на САД во нуклеарните централи

САД би можеле да имаат „воени сили на терен“ во Украина – иако не на начинот на кој многумина би очекувале.

За време на неодамнешниот телефонски разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, каде Украина се согласи да ги паузира нападите врз руската енергетска инфраструктура на 30 дена, се појави идејата за воспоставување американско присуство во украинските нуклеарни централи.

Зеленски рече дека во разговорот со Трамп разговарал за можноста за помош на САД за обновување на Запорожје, најголемата европска нуклеарна централа, која е под руска окупација од март 2022 година.

„Реков дека само деокупирање на Запорожје не е доволно, бидејќи таму мора да има инфраструктура: водоснабдување, технички персонал и уште многу чекори за во иднина станицата да почне да им носи пари и струја на луѓето“, рече Зеленски во телефонскиот повик.

Според извештајот на Белата куќа за повикот од 19 март, Трамп му рекол на Зеленски дека американската сопственост на украинските електрани и нуклеарни централи „би била најдобрата заштита за таа инфраструктура“.

План за американски нуклеарен персонал во Украина

Експертите кои зборуваа за украинскиот сервис на РСЕ претпазливо го поздравија предлогот, велејќи дека тоа ќе биде силна безбедносна гаранција и чекор во вистинската насока за нуклеарната сила на Украина да се префрли од Русија на Запад.

„Верувам дека ако господинот Трамп даде таков предлог, Украина не треба да одбие, туку треба да се согласи со тоа, под одредени услови“, рече Володимир Омелченко, директор на енергетската програма во Центарот Разумков, тинк-тенк со седиште во Киев.

 

 

 

slobodnaevropa.mk