Украина сака веднаш да влезе во НАТО – со деловите што не се окупирани од Русија

Членот 5 е јадрото на НАТО-договорот. Тој ја опишува обврската за сите членки да помагаат во самоодбрана доколку биде нападната друга земја на НАТО. Сепак, секоја членка на НАТО сама одлучува каква помош ќе даде „Ќе го браниме секој квадратен сантиметар од територијата на НАТО“, постојано нагласуваше американскиот претседател во заминување Џо Бајден по рускиот напад на Украина. Украина би сакала да се најде под овој заштитен чадор. НАТО постојано го ветуваше ова, но без да прецизира датум. Во одреден момент државата треба да биде наградена со членство за нејзината одбранбена борба против Русија.

НАТО-заштита само за дел од Украина?
Украинскиот претседател Володимир Зеленски сега предложи во НАТО да се прими делот од Украина кој е слободен. Областите окупирани од Русија на исток и полуостровот Крим (околу 27 проценти од Украина), кој беше анектиран од Русија со кршење на меѓународното право, првично не треба да бидат под заштитниот чадор на Алијансата. Зеленски сака да спречи понатамошен напредок на руските трупи и да ги направи можни евентуалните преговори со рускиот властодржец Владимир Путин за прекин на огнот.

Технички би било можно да се регулира само делумна примена на НАТО-договорот на територијата на Украина. Документот за пристапување на Украина, кој треба да биде ратификуван од сите 32 членки на НАТО, може да биде соодветно формулиран. Дополнителни протоколи за други прашања се веќе содржани во член 14 од Договорот за НАТО. Членот 6 од договорот ја опишува територијата на НАТО. На пример, некои острови кои припаѓаат на Франција или Велика Британија на Карибите или Пацификот не се територии на НАТО. За време на поделбата на Германија на де факто две држави, СРГ и ГДР, договорот за НАТО важеше само за западниот дел на Германија, т.е. Сојузна Република Германија. ГДР беше членка на Варшавскиот пакт, воениот сојуз на Советскиот Сојуз.

Многу членки на НАТО не се согласуваат
Прашањето е дали постои политичка волја кај партнерите во НАТО, особено кај најважната членка, САД, да се прими слободна Украина во алијансата. Германските политичари кои се занимаваат со безбедносни прашања, на пример, предупредуваат дека на тој начин ризикот да се биде вовлечен во воениот конфликт со уште еден руски напад врз Украина би бил многу голем.

За време на неговата посета на Украина во понеделникот (2.12.), канцеларот Олаф Шолц уште еднаш јасно стави до знаење дека го отфрла итниот влез на Украина во алијансата.

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг има поинакво мислење. Тој веднаш по напуштањето на функцијата во октомври рече дека брзиот прием на поголемиот дел од Украина во НАТО може да доведе до крај на војната. „Онаму каде што постои волја, постојат начини да се најде решение. Но, потребна ви е граница која ќе дефинира каде се повикува членот 5, а Украина мора да ја контролира целата област до оваа граница“, рече Столтенберг во октомври за „Фајненшал Тајмс“. И Франција, Полска и балтичките земји би можеле да замислат делумно членство на Украина.

 

 

DW