Украина објави дека добила значително променет предлог од САД за договорот за суровини, околу кој со недели владее неизвесност. Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред новинарите зборуваше за „сосема поинаков документ“, предлогот вклучува „многу работи за кои не се разговараше а некои веќе беа отфрлени”, истакна тој.
Во украинските медиуми, новиот предлог на САД, кој сѐ уште не е објавен во јавноста, се оценува за „неприфатлив“. Весникот „Украинска правда“ напиша дека документот „ја преминува речиси секоја црвена линија“ во Украина. Предлогот ја лишува Украина од „дел од нејзиниот суверенитет“ и ја принудува земјата да ја „врати сета американска помош што ја добила“.
Зеленски порача дека владата ќе го разгледа предлогот со група правници. Украина нема да ја признае претходно одобрената американска воена помош како заеми. Дополнително, неговата земја нема да прифати никаков договор што ја загрозува нејзината интеграција во Европската унија, додава тој.
Украинската вицепремиерка Јулија Свириденко на Фејсбук изјави дека Украина работи на тоа договорот да ги „одразува сите наши интереси“.
Вашингтон планира потпишување следната недела
Вашингтон сака договорот да биде потпишан следната недела, според американскиот министер за финансии Скот Бесент. Првото планирано потпишување на договорот за пристап на САД до украинските суровини пропадна во февруари по скандалот во Вашингтон. Доналд Трамп и неговиот потпретседател Џеј Ди Венс во таа прилика во Белата куќа пред камерите го обвинија Зеленски за недостиг на благодарност за американската воена помош и непочитување.
Украина во минатото се жалеше дека договорот не содржи никакви експлицитни гаранции од САД во однос на безбедноста на Украина. Американската влада, меѓу другото, отфрла испраќање мировници во Украина.
Околу пет проценти од светските минерални ресурси се наоѓаат во Украина. Сепак, повеќето од нив сè уште не се експлоатираат и тешко е да се дојде до нив. Многу наоѓалишта се исто така под руска контрола на окупираните територии.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин предложи Украина, во голема мера уништена од рускиот агресорски напад, да се стави под администрација на Обединетите нации. Целта е да се одржат нови избори на кои на власт ќе дојде ефикасна влада со која потоа ќе може да се преговара за мир, рече Путин.
DW