Украина ќе усвои неутрален статус, Русија ќе ги намали нападите околу Киев

Украина ќе усвои неутрален статус во замена за безбедносни гаранции, изјавија украинските преговарачи по средбата со руските преговарачи во Истанбул за завршување на војната. Руската страна состанокот го оцени како конструктивен. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушогли оцени дека на денешните преговори бил постигнат најголем напредок досега.

Украина предложи усвојување неутрален статус во замена за безбедносни гаранции во последната рунда разговори со Русија, што значи дека нема да се приклучи на воените сојузи, како што е НАТО, ниту да биде домаќин на воени бази, рекоа украинските преговарачи по разговорите во Истанбул.

Неутралниот статус на Украина е едно од клучните барања на Русија.

„Предлозите, исто така, ќе вклучуваат 15-годишен период на консултации за статусот на анектираниот Крим и би можеле да стапат на сила само во случај на целосен прекин на огнот“, изјавија преговарачите за новинарите во Истанбул, пренесе Ројтерс.

Меѓу потенцијалните гарантори за Украина може да се најдат Полска, Израел, Турција и Канада.

Радио Слободна Европа