Ураганот „Милтон“ стигна на Флорида, се заканува со големи штети

Околу 20:30 часот по локално време – 2:30 часот по средноевропско време – американскиот центар за урагани извести: „Милтон“ пристигна на копно. Веќе не со највисокото ниво на сила – 5, па дури ни 4, туку 3, но затоа окото на бурата, односно неговиот обем, значително се зголеми. Сега неколку часа на невремето е изложен пред сѐ западниот брег на Флорида. Ветрот актуелно достигна брзина од речиси 200 километри на час и паѓа екстремно количество дожд.

Многу луѓе останаа во своите домови

Од зоните за кои се смета дека ќе бидат најмногу погодени не се евакуираа сите жители. Многумина останаа, вклучително и Едвард Вилмети од Тарпон Спрингс. „Ќе поставам уште неколку штици на прозорците и уште неколку вреќи со песок на вратите. И се надевам на најдоброто“, изјави тој за радио станицата НПР, неколку часа пред ураганот Милтон да го погоди брегот.

„Се плашам, но ќе се забарикадирам дома најдобро што можам“, изјави Џелис Карабало од Полк Каунти на телевизијата ПБС. Таа остана дома и покрај тоа што неодамна се преселила од државата Њујорк во Флорида и никогаш досега не доживеала ураган.

Том Персон од Брендентон е во хотел во област која се смета за безбедна. „Сите се загрижени за истите работи. Дали сè уште ќе имам дом кога ќе се вратам или мојата куќа ќе биде целосно оштетена?“, изјави тој за ПБС.

Властите предупредуваат на опасност по животот

Надлежните до последен момент издаваа драматични предупредувања да не се останува во загрозените зони, затоа што се ризикува животот. Градоначалникот на Санкт Петербург, Кен Велч, тоа за Си-Ен-Ен го формулираше вака: „Ако сакате да го преземете тој ризик, најдобро е да го напишете своето име на облеката за да можеме да ве идентификуваме кога ќе ве најдеме подоцна. Во одреден момент веќе нема да можеме да одговараме на повици за итни случаи бидејќи не сакаме да ги доведеме во опасност спасувачите“.

Прва проценка на штетите подоцна во текот на денот

Набргу по пристигнувањето на центарот на бурата, дојде до голем прекин на електричната енергија, особено во регионот околу Сарасота, на западниот брег на Флорида. „Милтон“ сега е со јачина 2. Сепак, шефот на американската Федерална агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА), Дин Крисвел, за Си-Ен-Ен предупреди:

„Дури и да се смират ветрот и силата на невремето, опасностите не стивнуваат. Дождот сега се засилува, напливите продолжуваат. Останете во затворени простории, што е можно подобро заштитени.“

Надлежните се надеваат дека бурата ќе продолжи да слабее и откако ќе ја премине Флорида од запад кон исток, ќе се пресели во Атлантикот. Првична проценка на штетите најверојатно ќе биде можна дури во текот на денот.

DW