Успешна е компанијата на Груевски во Унгарија – за само пет месеци остварил нето добивка од 10.000 евра

Унгарската компанија која што неодамна ја основаше поранешниот македонски премиер во бегство, Никола Груевски, според унгарските медиуми бележи значителен раст. За кусо време од само пет месеци, според локалните медиуми, тој успеал да оствари нето добивка од 10.000 евра, објави DW.COM.

Компанијата беше регистрирана минатата година во село оддалечено 20 километри од Будимпешта. Куќа на улицата Бошкаи број 9 од 14 јули 2021 година е дом на новата фирма на експремиерот – Друштвото со ограничена одговорност И.Ц.И.Ц (I.C.I.C.). Според документите објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми, Груевски, при отварањето на фирмата планирал широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори. Главниот фокус на компанијата се деловни консултации, но исто така е лиценцирана и за трговија на големо со порцелан, стакларија и производи за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; управување со средства, рекламирање, односи со јавноста и комуникација.

„Иако I.C.I.C. функционира само од минатото лето, веќе успеа да стане профитабилна со приходи од 5 милиони форинти (13.000 евра)“, објави унгарската деловна веб-страница mfor.hu. Неговата нето добивка за периодот од средината на јули до крајот на годината изнесува 3,8 милиони форинти (10.000 евра). Тамошните медиуми наведуваат дека парите би можеле да бидат поврзани со унгарското Министерство за надворешни работи.

извор: DW.COM