Уште три повредени лица од Македонија пристигнаа на лекување во Хрватска

Со хеликоптер на Хрватското воено воздухопловство денес во Хрватска пристигнаа уште три тешко повредени лица во пожарот во ноќниот клуб во Кочани, јавува Анадолу.

Две повредени лица вчера се транспортирани и примени на клиниката.

Четиричлениот екипаж на хеликоптерот на Хрватското воено воздухопловство, заедно со петчлениот военомедицински тим на хрватската војска, ги презеде пациентите во Скопје и успешно ги пренесе во касарната „Полковник Марко Живковиќ“, соопшти хрватското Министерство за одбрана.

По слетувањето на хеликоптерот, пациентите се преземени од тим на загрепската Итна медицинска помош и пренесени во Клиничкиот болнички центар „Сестри милосрдни“ на понатамошно лекување.

Хеликоптерот на Хрватското воено воздухопловство е пратен да обезбедува хуманитарна помош во Северна Македонија по налог на вицепремиерот и министер за одбрана Иван Анушиќ, во согласност со одлуката на Владата и по претходна согласност од претседателот на Хрватска.

Акцијата е спроведена откако Северна Македонија го активираше Механизмот на Европската Унија за цивилна заштита и побара помош за евакуација на пациентите со тешки изгореници здобиени во пожарот.

Во пожарот во ноќен клуб во Кочани, предизвикан од пиротехнички средства, загинаа 59 лица, а над 170 се повредени.

Утврдено е дека ноќниот клуб нема дозвола за работа. Во Северна Македонија е прогласена седумдневна жалост.