Светските цени на храната во март достигнаа највисоко ниво на сите времиња, бидејќи руската инвазија врз Украина предизвика „потреси“ на пазарите за основни житарки и растителни масла, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на ОН.
Нарушувањето на извозните текови како резултат на инвазијата на 24 февруари и меѓународните санкции против Русија поттикна стравувања од глобална криза со глад, особено на Блискиот Исток и Африка, каде што веќе се чувствуваат последици.
Русија и Украина, со огромни региони за одгледување жито кои се меѓу главните снабдувачи со жито во светот, сочинуваат огромен дел од светскиот извоз на неколку главни стоки како што се пченицата, растителното масло и пченката.
Светските цени на прехранбените артикли значително се зголемија во март и го достигнаа своето највисоко ниво досега, бидејќи војната во регионот на Црното Море предизвика шокови на пазарите за основни житарки и растителни масла, се вели во соопштението на ФАО.
Индексот на цените на храната на ФАО, кој веќе забележа рекорд во февруари, се зголеми за 12,6 отсто минатиот месец, „што направи огромен скок на ново највисоко ниво од неговото основање во 1990 година“, соопшти агенцијата на ОН.
Индексот, мерка за месечната промена на меѓународните цени на кошницата со прехранбени производи, во март изнесуваше во просек 159,3 поени.