Филипински негувателки во Косово соочени со експлоатација

Измамени од агенции за вработување со соништа за подобар живот, многу филипински домашни работнички во Косово се соочуваат со сурова реалност. Некои, оставени без документи, трпат злоупотреба во тишина, заробени од договори што не можат да ги прочитаат и од систем кој не ги заштитува.

Со одземен пасош, филипинска работничка чисти во домот на нејзиниот работодавач во Косово и се грижи за неговите деца од моментот кога ќе ги отвори очите до доцна навечер.

Шест дена во неделата, Лаура – псевдоним што го користи Радио Слободна Европа за да го заштити нејзиниот идентитет – исто така трпи злоупотреба од едно од децата на нејзиниот работодавач.

„Шефот лично го виде детето како ме удира. Разговараше со него, и детето рече дека нема повторно да го направи тоа, но сè уште го прави,“ изјави таа за Косовскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Лаура работи во Косово повеќе од една година, донесена тука од агенција за регрутација на странски работници во Албанија.

Од Албанија, таа била транспортирана до Косово во автомобил на работник од агенцијата – без виза, дозвола за престој или работна дозвола.

„На границата [тие] не проверуваа… не вршеа инспекции. Само ме пуштија да поминам. Агентот ме донесе овде, и се сретнав со работодавачот близу Призрен,“ објасни таа.

Границата помеѓу Косово и Албанија не се надгледува како другите граници. Од мај оваа година, со договор е дозволено граѓаните на двете земји да преминуваат без проверка на пасоши или лични карти.

Радио Слободна Европа побара коментар од министерствата за внатрешни работи на Косово и Албанија, но не доби одговор.

Во меѓувреме, косовската полиција изјави дека границата со Албанија се надгледува со алтернативни методи за да се осигура дека „не се спроведуваат нелегални активности“, како што се системи за камери, разузнавачки информации од безбедносните институции и патроли долж граничната зона.

 

 

slobodnaevropa.mk