Филипче и порачал на Давкова – Спојувањето на безбедносните агенции е ризично

Спојувањето на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, како и евроинтеграциите, биле во фокусот на денешната (26 ноември) средба на македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, како што посочи опозицискиот лидер.

Тој по средбата изразил загриженост и укажал дека треба да реагира за работи кои се во нејзини ингеренции, како што рече, пред се, „партизацијата која што се случува во делот на безбедносните структури“.

„И укажав на ризикот. Сметаме дека може да биде многу голем доколку настане фузија на двете безбедносни агенции, ако се продолжи со ваква партизација имајќи предвид дека сме имале едно такво лошо искуство во минатото, дека таква гломазна безбедносна партизирана институција може да се злоупотреби“, изјави Филипче.

Средбата која се одржала на негово барање по последната седница на Комисијата за европски прашања каде претседателката го изнела искуството од Националниот совет за евроинтеграции, Филипче ја оцени како пријатна, пријателска и конструктивна.

„Ја информирав претседателката дека за време на преговорите кога ги водеше СДСМ, сме се обиделе уставните измени да бидат со одложено дејство, меѓутоа тогаш тоа од бугарска страна, од раководството на тогашниот премиер Петков, не било прифатено. Повторувам, која било подобрена позиција ние ќе ја поддржиме, рече Филипче одговарајќи на прашањето дали добил информации за деблокада на евроинтеграциите и разговорите на Сиљановска со бугарскиот претседател Румен Радев.

За да дадат поддршка во Собранието на предлог за уставни измени со одложено дејство рече дека „треба да добијат потврда дека тоа е возможно“.

Во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Филипче ја нагласил потребата од активна соработка на Советот со Владата во функција на спроведување на Планот за раст и Реформската агенда.

 

 

 

slobodnaevropa.mk