Северна Македонија со „хаотични и неразбирливи“ одлуки испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација по гласањето за резолуциите во ОН за војната во Украина, оцени на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Според него, во глобалната политика, каде секој еден потег има големо значење, ваквата неодговорност не останува незабележана. Дополнително, вели Филипче, Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа гласаше „воздржано“.
Ќе беше помудро да гласавме „за“
„Ќе беше многу помудро да гласавме ’за’ двете резолуции и тоа ќе беше принципиелна и стабилна одлука, којашто ќе ја зајакнеше нашата позиција, ќе го зајакнеше нашето партнерство и со ЕУ и со САД. Притоа тие две резолуции не се косат една со друга – туку се надополнуваат. Франција, Германија и Италија и многу други земји ја поддржаа американската резолуција, која што ние ја коспонзориравме. Прашањето е зошто не сме гласале“, вели Филипче.
„Ако сме целосно усогласени со ЕУ, додава тој, зошто тогаш гласаме спротивно на сите други европски земји? Одговори на овие прашање не добивме од Владата. Гласањето за двете резолуции ќе беше наш јасен став дека сме за што поскоро завршување на војната во Украина“, додава тој.
Лидерот на опозицијата вели дека првпат една влада, којашто коспонзорира резолуција, потоа не гласа за истата. „Ова покажува дека нема ниту стратегија ниту координација и дека надворешната политика се води врз основа на импровизации и лични проценки на премиерот“, оценува Филипче.
Мицкоски со контрааргументи
Но, премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите изнесе контрааргументи за одлуките коишто ги носи Владата. Вели дека за сите овие седум години додека е лидер на ВМРО-ДПМНЕ се изнаслушал „сѐ и сешто за себе“, како што се и последните обвинувања за гласањето за резолуцијата за Украина. Во однос на обвинувањата на СДСМ, вели дека „тие имаат најмалку кредибилитет да зборуваат, посебно за нашата меѓународна активност и посебно за нашите релации со администрацијата на претседателот на Трамп“.
Тој ја образложи одлуката зошто Македонија гласаше воздржано за резолуциите за Украина.
„Бевме коспонзори на американската резолуција и ќе ја потсетам македонската јавност дека таа резолуција е обврзувачка, бидејќи помина на Советот за безбедност. Останатите членки кои се постојани, но и ротирачките, не гласаа против и со тоа ја поддржаа. Во меѓувреме, кога дојде таа резолуција да се гласа на самото Собрание, беа поднесени неколку амандмани. Повеќето амандмани беа одбиени, но еден беше прифатен. Тогаш предлагачот САД, кој го има тоа право, со кого бевме целосно координирани, гласаше воздржано и ние гласавме воздржано“, вели Мицкоски.
„Жалам што политиката од оптика на топли песочни плажи и оптика овде од Македонија не е иста, па можеби некои од опозициските лидери сѐ уште живеат на топлиот песок и гледаат со тие очила, сѐ уште неразбудени дека се опозиција и долго ќе бидат опозиција“, порача премиерот при посетата на општина Неготино.
Политика без компас
Но, лидерот на СДСМ е дециден дека Владата се движи без компас. Филипче го поздрави продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, но побара одговори од Владата која е целта на последната посета на премиерот Христијан Мицкоски во САД и што Владата побарала од новата администрација на Доналд Трамп.
„Искуството со Владата изминатите месеци е дека многу зборува, а не покажува конкретни резултати“, вели Филипче.
Тој оцени дека македонската економија се движи во погрешна насока и побара одговор за што се трошат парите од унгарскиот кредит.
Загрижувачки тренд
Во однос на последниот извештај на „Фридом Хаус“ за пристапот на луѓето до политичките и граѓанските права и слободи во земјава, лидерот на СДСМ, Венко Филипче вели дека загрижувачки е патот и смета дека слободата на говорот е симбол на демократско општество и беше симбол на борбата на „Шарената револуција“.
„Гледам некои тенденции да се поврзе фондацијата „Сорос“ со овие истражувања кои се најавуваат во САД во однос на фондовите на УСАИД. Некои тенденции тоа да се залепи некако на СДСМ во некој контекст и тоа сметам дека е недозволиво и некоректно“, вели Филипче.
Според него, околу 100 илјади граѓани автентично се бореа против ограничувањето на слободата на говор и окупацијата на судските институции за времето на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, како и против прислушувањето. „Граѓаните повторно ќе видат и ќе проценат дали тие демократски процеси има тендеција оваа Влада да ги спроведува. Не треба да се потцени енергијата и силата на народот, бидејќи ако забележат такви работи, пак ќе излезат на улица“, рече Филипче.
DW