Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Пеце Мирчески, за четири различни кривични дела: примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата.
Со кривичната пријава поднесена до скопското Основно јавно обвинителство опфатено е уште едно лице со иницијали Г.П. кое е сопственик и управител на фирма од Скопје. Ова лице се гони за давање поткуп.
Инфорамциите за случајот ги соопштија од Финансиската полиција откако утрово (5 декември), како што објави Радио Слободна Европа, започна претрес во домот на ексдиректорот на СОЗР.
Според официјалните информации, за делото примање поткуп Мирчески се сомничи дека од јуни 2021 до јуни 2024 година, свесно и со умисла извршил дејствија кои не смеел и потпишал пет договори за јавни набавки со фирмата на второосомничениот.
„Тој не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П.“, соопштија од Управата за финансиска полиција без да соопштат дополнителни детали за кои тендери станува збор.
slobodnaevropa.mk