Европската Унија сака да биде партнер со САД за да се обезбеди праведен и траен мир за Украина, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по нејзината средба во Брисел со специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, генералот Кит Келог.
„Финансиски и воено, Европа придонесува (за поддршка на Украина) повеќе од кого било друг. И ќе ја зајакнеме. Сега е критичниот момент“, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс.
Европската комисија соопшти дека на средбата со Келог, Фон дер Лајен ја нагласила клучната улога на ЕУ во обезбедувањето на финансиската стабилност и одбрана на Украина, со вкупна поддршка од 135 милијарди евра (околу 145 милијарди долари), што е повеќе од кој било друг сојузник. Во соопштението се додава дека ова вклучува и 52 милијарди долари воена помош, што е на ниво на американската поддршка за Украина.
„Претседателката фон дер Лајен истакна дека ЕУ целосно го покрива својот дел од воената помош за Украина и е подготвена да направи уште повеќе. Таа ги истакна плановите на Европа за зголемување на производството и трошоците за одбрана, зајакнувајќи ги европските и украинските воени капацитети“, се наведува во соопштението.
slobodnaevropa.mk