Фордо – срцето на иранската нуклеарна програма

Израелските воздухопловни сили со денови вршат еден напад по друг врз Иран. Посебно во визир им се иранските нуклеарни постројки. Израел се сомнева дека режимот во Техеран се обидува да развие нуклеарна бомба. Иранските власти го негираат тоа. Сепак, во последните години и децении, тие ги проширија нуклеарните постројки низ целата земја. Се претпоставува дека има неколку нуклеарни истражувачки комплекси, како и големи подземни објекти каде што тајно се спроведуваат истражувања кои одат надвор од границите на цивилната употреба на нуклеарна енергија.

Сериозни штети во Натанс и Исфахан
На пример, во Натанс, во централен Иран, досега наголемо се облагородуваше ураниум – според проценките на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), до 60 проценти. Облагородување од три до пет проценти е доволно за работа на цивилна нуклеарна централа, додека околу 90 проценти би биле потребни за изградба на атомска бомба.

Сепак, надземните центрифуги потребни за такво облагородување сега се веројатно речиси целосно уништени, извести шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, за Би-Би-Си. Иако не е јасно дали бил погоден и подземниот дел од објектот, дури и самиот прекин на електричната енергија предизвикан од израелските напади можел да предизвика значителна дополнителна штета таму. Гроси изјави дека може да има „опасна контаминација со зрачење“ во објектот, но досега ништо од ова не стигнало до надворешниот свет.

Оштетени се и најмалку четири објекти во Центарот за нуклеарна технологија во Исфахан. Таму, ураниумскиот оксид, ископуван во рудници, таканаречениот жолт колач, бил претворан во ураниум тетрафлуорид и ураниум хексафлуорид – неопходен чекор кон подоцнежно облагородување на ураниум.

Важен таен комплекс – нуклеарната постројка Фордо
Покрај Натанс, Иран има и втора голема нуклеарна постројка за облагородување на ураниум. Комплексот Фордо се наоѓа јужно од Техеран. На поранешна воена локација во близина на градот Ком, иранскиот режим на почетокот на милениумот тајно изградил нуклеарна постројка. Во последните денови и таму имало израелски напади. Сепак, досега нема извештаи за значителна штета.

Ова може да се должи на фактот што комплексот Фордо е во голема мера лоциран длабоко под земја. Веројатно заради заштита од надзор на МААЕ и можни напади или акти на саботажа, систем од тунели бил пробиен од 60 до 90 метри длабоко во планински венец. Во 2009 година, западните разузнавачки агенции првпат ги објавија своите наоди за нуклеарната постројка. Во 2012 година, МААЕ објави дека иранските научници во Фордо почнале да облагородуваат ураниум до 20 проценти „за медицински цели“. Оттогаш, во подземниот објект се наводно инсталирани вкупно околу 3.000 центрифуги за облагородување на ураниум. Тоа значи дека централата е помала од комплексот во Натанс, но, како што се вели, способна е за облагородување на ураниум до повисок степен на чистота, што го прави објектот поважен за воени цели.

 

DW