Низа реакции по социјалните мрежи за авторски грешки во учебниците.Како што се печатат учебниците и се дистрибуираат до основците, така на површина излегуваат многу кардинални грешки. Грешка има и во учебникот по географија за осмо одделение.
На 38 страница, во делот со наслов „раси и народи“ во последната реченица пишува „народи од жолтата раса во Европа се: Финците, Унгарците, Турците, Татарите и други“.
Иста конструкција на реченицата и идентични, но неточни факти се презентирани и на Википедија страницата за Европа, што ги отвора прашањата според кои принципи се креирани учебниците?
Јавноста пронајде многу неточни податоци во учебникот за историја и општество за петто одделение. Таму, пишува дека Кокино е градба, дека средниот век започнува во антиката, истакнато е дека Марија Кири е добитничка на Нобелова награда за наука, а таква не ни постои.
Погрешени се и страните на светот, па така во учебникот пишува дека источен сосед ни е Албанија, а западен Бугарија и дека Монт Еверест е висок 29 илјади метри, наместо 8 илјади.
А грешка има замислите и во учебниците за прво одделение. Имено според фотографијата испаѓа дека белвица е прекар за Охридска пастрмка. Дека тоа не е така и дека станува збор за два различни видови на риба карактеристични за Охридското езеро знаат и малите деца. Но, како тоа не го знаеле авторите на учебникот тоа не знаеме.
Затоа да појасниме Охридска пастрмка е ендемска слатководна риба, која припаѓа на фамилијата пастрмки (Salmonidae). Охридската пастрмка е ендемична рибна врста на Балканот и во Европа. Таа е најблизок потомок на врстите што живееле на тоа подрачје уште во периодот на терциерот. Секогаш живее во водите на Охридското Езеро.
Охридската пастрмка е со сплеснато тело, мала глава и ѕвездести сиви пеги по телото. Нејзината максималната должина се движи од 25-60 см, а тежината до 15,8 килограми. Денот го поминува во длабочините и на места што се доста оддалечени од брегот. На површината на водата испливува во текот на ноќта кога лови муви. Понекогаш приоѓа до самиот брег во плитките води, барајќи храна од подводните растенија. Се мрести од март до мај. Мелезите се настанати со вкрстување на поточната и охридската пастрмка. Тие по телото имаат наизменично распоредени црвени округли и сиви ѕвездести пеги.
фото: Amfora
Белвицата пак е релативно мала риба, вообичаено помала од 30 см и полесна од 0,5 кг. Може да достигне должина од 33,6 см и тежина од 685 грама. Охридската белвица е ендемски вид пастрмка со сребрена боја на телото и ретки бледи црни и црвени пеги, со поголемо око во однос на главата споредено со другите видови пастрмки како резултат на живот во подлабоките води на сублиторалот и профундалот на езерото. Има спор раст и потребно и е 12 години да достигне тежина од 1 кг. во природни услови. Се храни со зоопланктон и фауна на дно.
Распространета е во Македонија и Албанија во Охридското Езеро, каде заедно со летницата е еден од двата претставници на семејството Salmonidae и родот Salmo.
извор: NEWS1.MK