(ФОТО) Лефков: Со Одлука на влада Груби отуѓува државно земјиште на фирмата на сопругата на Ковачевски за изградба на фотоволтаици

Додека оди по маркети и замрзнува цени на јајца и зеленчук, кои никако да замрзнат, семејството Ковачевски го зголемува своето богатство преку влез во доходовни бизниси.

За да се стекне со голем и вреден имот, сопругата на Ковачевски влегува во односи со Владата, со која управува нејзиниот сопруг Димитар Ковачевски, истакна Миле Лефков од ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:

Со оваа одлука се отуѓува градежно земјиште сопственост на Република Македонија на друштвото за производство и продажба СОЛ ГРУП 5 ДОО Скопје. Со овие зборови почнува Одлуката со која Владата и продава 1.119м2 државно земјиште на фирмата на сопругата на Ковачевски.

Оваа Одлука е објавена во Службен весник од 21 март оваа година, а донесена 7 дена претходно односно на 14 март, на седница на Влада. Еве ја Одлуката на Владата, а еве го и потписот на Артан Груби, кој се јавува како потписник во име на Владата.

Во време кога Ковачевски е претседател на Влада, неговата сопруга добива државно земјиште од истата таа влада, за бизнис за производство на струја од фотоволтаици.

Токму Ковачевски е основач и на Пиксел груп, фирма за производство на фотоволтаични панели, сега во посед на неговиот кум Горан Паунов. Фирма која е основана и забрзано се шири со доаѓањето на СДС на власт.

Бизнисот од кој Ковачевски тврдеше дека излегол, сега гледаме дека влегла неговата сопруга, а за помош добива земјиште и од Владата.

Одлуката на Влада со која сопругата на Ковачевски добива државно земјиште додека Ковачевски е премиер е доказ колку власта е забегана и дека не ја интересира ништо освен сопствениот интерес и интересот на нивните семејства кои шират бизнис додека тие се на власт. Ова е доказ дека оваа власт на СДС и ДУИ мора да си замине, зошто државата не смее да биде алатка за богатење на неколку семејства во врвот на власта. Потребни се промени.

извор: ВМРО ДПМНЕ