(ФОТО) Светлана од Кривогаштани прави вистински ремек дела од шишана коса

Игор Џамбазов, Тамара Тодевска, Кире Лазаров, Мајкл Џексон, Северина, Бора Чорба се дел од познатите личности чии ликови фризерката и уметник Светлана Зуламоска- Гроздановска ги создава од косата на клиентите која ја шиша.

Светлана има фризерски салон во Кривогаштани и стана хит на социјалните мрежи откако го направи ликот на Игор Џамбазов. Актерот, воодушевен од нејзиното дело, кога ја видел сликата, веднаш заминал за Кривогаштани да ја запознае и да ѝ честита.

Кога ја видов сликата, веднаш отидов во Кривогаштани да ја запознаам Светлана, ни изјави Игор Џамбазов 

„Овој салон постои седум години, но освен фризерскиот занает секогаш ме интересирала и уметноста. Игор Џамбазов го сакам од дете, му се восхитувам уште од улогата на Трајче дрварчето во „Волшебното самарче“. Тој е харизматичен човек во секој поглед, го обожавам. Многу се изненадив кога ми се јави и ме праша: Која си ти, од каде си“, ни раскажа Светлана.

„Знаете дека јас сум „летечи“. Ја видов сликата, и отидов во Кривогаштани. Се запознавме со Светлана, и ѝ реков дека кога ќе ми дојде време за шишање, ќе ме шиша токму таа. А од мојата коса, се договоривме да го направи мојот омилен лик, а кој е , нема да кажам, ќе биде изненадување“, ни изјави Џамбазов.

Новак Ѓоковиќ, воодушевен од уметноста на Светлана, ја сподели сликата на својот Инстаграм профил откако таа му ја испратила 

Светлана работи и како фризер и како шминкер, нешто кое што на почетокот го сметала за хоби. По професија е сообраќаен инженер. „Работиме заедно  со сестра ми, а уметноста повеќе ме привлекува. Од секогаш сакав да се обидам со нешто различно па почнав со цртање на раце. Најмногу цртам очи, а се трудам цртежот да изгледа вистиното, реално. По цртањето, почнав со изработка на ликовите на познатите. Првиот кој го направив е на Новак Ѓоковиќ. Му го испратив, а тој го сподели кај него на Инстаграм, многу му се допадна“, раскажува Светлана и го објаснува процесот на создавање на оваа уникатна уметност.

Голема страст на Светлана е цртањето на рака. Најмногу сака да црта очи кои изгледаат како вистински 

 

„ Прво ја собирам косата од клиентите и со машинка ја сечам на ситни делови. Ми требаат околу два до три часа да го направавам ликот. Ги правам доцна навечер, на подот, кога салонот е затворен и кога немам клиенти. Ги сликам, ги оставам некое време да стојат на подот, а потоа косата ја дувам со фен и делото го снемува. И така, додека не ми дојде инспирација да направам друг лик“, открива талентираната уметница.

zenskimagazin.mk