Изложба, промоција на книга, три театарски претстави и една претстава за деца се дел од фестивалот Македонско културно лето во Општина Пустец, Албанија, чие 19-то издание по ред почна синоќа.

Фестивалот се отвори во Музејот посветен на албанскиот писател Стерјо Спасе Македонец по потекло во селото Глобочани, со изложба на дела од скулпторот Синиша Новески и промоцијата на книгата “Македонското традиционално пеење во Мала Преспа, Гора и Голобрдо“ од поп-пејачката Андријана Јаневска, виолинистка во Операта и професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Јаневска пред десет години почнала да собира народни песни одејќи во повеќе села во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора.

“Насловот на трудот е: ‘Македонското традиционално народно пеење во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора’. Застапени се песни од сите три региони и тоа: аргатски песни, балади, броенки, ѓурѓовденски, жетварски, комитски, лазарски, лирски, љубовни, ороводни, печалбарски, приспивни, револуционерни, свадбарски, сунетски и хумористични песни. Народното творештво претставува еден од најзначајните сегменти во севкупниот материјално-духовен идентитет на македонскиот народ. Македонското традиционално народно пеење во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора низ различни периоди на културниот и на историскиот развој, од музички аспект е речиси неистражено. Тоа беше главната причина за изработка на овој труд“, – рече Јаневска.

Фестивалот го отвои минстерот за култура и туризам на Македонија, Зоран Љутков, кој рече дека преку културата, “ги уриваме границите и ги засилуваме врските со Македонците“.
Фестивалот го организира Здружението на Македонците по потекло од Албанија “Сонце“, чија цел е заштита, развој и промоција на македонската култура кај македонското малцинство во оваа земја.