Северна Македонија и годинава останува делумно слободна земја, покажува последниот извештај на „Фридом хаус“ насловен „Слободата во светот 2025“.
Земјава, исто како и минатата година, има индекс на слобода од 67 од можни сто поени.
Рангирањето на „Фридом хаус“ е врз основа на два критериуми – политички права и граѓански слободи. Политичките права се оценети со индекс 28 од можни 40, а граѓанските слободи со 39 од 60 поени.
Во извештајот се наведува дека земјата продолжува да се бори со корупцијата, и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисоци и заплашување.
Од државите во поширокиот регон, најдобро позиционирана е Словенија со индекс 96. Во групата слободни земји се и Грција (85), Хрватска (82) и Бугарија (77).
Во делумно слободни, пак, се Црна Гора(69), Албанија (68), Косово (60), Србија (56) и Босна и Херцеговина (52).
„Фридом хаус“ во извештајот оценува дека слободите ширум светот минатата година опаднаа, додека авторитарните режими ја зацврстија својата контрола, но дека е забележан значителен напредок во Јужна Азија.
slobodnaevropa.mk