Тие сега ги имаат разменето приватните броеви на своите мобилни телефони и се обраќаат меѓусебно по име- со Доналд и Фридрих. Но, освен кратката средба пред години во Њујорк, двајцата никогаш не се сретнале. Новиот канцелар, Фридрих Мерц од конзервативната ЦДУ, сега оди во својата инаугуративна посета на Доналд Трамп во Вашингтон. Се смета за посебна чест што Мерц ќе престојува во Блер Хаус, веднаш до Белата куќа. Кралицата Елизабета од Велика Британија и францускиот претседател Шарл де Гол веќе престојуваа тука.
Иако, само пред неколку недели, Мерц беше исклучително обеспокоен од Трамп. Заедно со потпретседателот Џеј Ди Венс, тој го избламира украинскиот претседател Володимир Зеленски пред светската јавност и го обвини за војната на Русија против неговата земја.
Мерц сметаше дека е навредливо и што Венс и другите поддржувачи на Трамп покажаа симпатии кон делумно десничарската екстремистичка партија Алтернатива за Германија.
Мерц: „Мора да му се доближите”
Канцеларот неодамна зборуваше за своите чувства пред посетата на Вашингтон и раскажа како поминал неговиот прв телефонски разговор со Доналд Трамп. На ВДР, тој рече: „Секогаш е важно да не се зборува многу долго, туку да се зборува кратко и да се остави тој да се искаже“. Секој втор или трет збор што го користел претседателот бил „одлично“. „Мора да се прилагодите на него и да му се доближите. И во исто време, не може да се правите помали отколку што сме ние“, рече Мерц. „Ние не сме молители”.
И Карло Масала, професор по меѓународна политика на Универзитетот на Бундесвер во Минхен, советува самодоверба во разговорот со Трамп. Масала за НДР истакна: „Тој мора да настапи решително, но во исто време, мора постојано да му дава на Трамп чувство дека е голем државник кој има вистинска визија. Ова ласкање со европска самодоверба, верувам, е соодветна стратегија, но не е гаранција дека на крајот ќе биде успешно“.
Германија заврши дел од домашните задачи
Разговорите во Вашингтон веројатно ќе се фокусираат на три главни теми: војната во Украина, спорот околу царините и прашањето за придонесот на Европа кон безбедноста.
На последната тема, Мерц веќе има што да покаже. Трамп постојано се жалеше на недоволните трошоци за одбрана од страна на некои европски партнери на НАТО, вклучително и Германија, и се закани дека ќе ја повлече американската заштита. Сега Мерц може да каже дека Германија има намера масовно да се вооружи: пет проценти од нејзиното економско производство ќе бидат наменети за ова во иднина, 3,5 проценти директно за војската и 1,5 проценти за инфраструктура поврзана со одбраната.
Германија, исто така, сака да преземе поголемо европско водство. Најдобар доказ за ова беше заедничката посета за поддршка на Киев од страна на шефовите на држави и влади на Германија, Франција, Велика Британија и Полска, иницирана од Мерц. Ова, исто така, го исполнува американското барање Европа да се грижи за своите прашања од безбедносната политика. За возврат, Мерц и другите европски шефови на влади се надеваат дека ќе соработуваат со САД за да го зголемат притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин.
DW