Фридрих Мерц e новиот германски канцелар

На 69-годишна возраст, Фридрих Мерц стана најстариот германски канцеларпри стапување на функцијата по Конрад Аденауер, кој во 1949 година ја презеде оваа улога на 73-годишна возраст. Неговиот пат пат до врвот на германската политика не беше едноставен, како што не беше ни неговиот избор на функцијата. Тој е првиот канцелар во историјата на земјата кој е избран во втор обид, иако претходно постоеше коалициски договор меѓу неговата ЦДУ и социјалдемократите (СПД).

Мерц всушност има две политички кариери – една пред германската канцеларка од ЦДУ, Ангела Меркел и една по неа. Кога Меркел ја презеде власта во пратеничката група во 2002 година и стана канцеларка во 2005 година, значително поконзервативниот Мерц се повлече и со години беше отсутен од политиката.

Човек од светот на бизнисот
Уште во 2001 година тој се споменуваше како можен кандидат за канцелар на изборите во 2002 година. Но, тогаш Унијата го избра баварскиот политичар од ЦСУ, Едмунд Штојбер кој се соочи со канцеларот од СПД, Герхард Шредер – и не успеа. По ова, Мерц постепено се оддалечи од политиката и повторно почна да работи како правник. Во 2009 година, не се кандидираше за Бундестагот.

Кој е всушност Фридрих Мерц, човекот што некогаш изгуби од Меркел, а потоа се врати толку доцна? Тој е католик и правник, како и неговиот татко, роден во регионот Зауерланд во западна Германија. Сè уште живее недалеку од местото каде што е роден. На 33-годишна возраст, во 1989 година, беше избран за пратеник во Европскиот парламент, каде што остана пет години. Потоа, во 1994 година, премина во германскиот Бундестаг, каде што брзо се истакна како одличен и остар говорник. Неговите зборови имаа тежина во партијата.

Подем во деловниот свет

Неговото повлекување од политиката му донесе успех во деловниот свет. Од 2005 до 2021 година беше дел од меѓународна адвокатска фирма и зазема водечки позиции во надзорни и управни одбори. Од 2016 до 2020 година, беше претседател на Надзорниот одбор на најголемиот светски управител на имот – Блекрок (BlackRock) во Германија.

По најавата на Меркел дека ќе се повлече од политиката во 2021 година, Мерц се врати и постепено напредуваше. По неговиот трет обид, во 2022 година беше избран за претседател на ЦДУ. Долги години беше познат како економски либерален претставник на конзервативното крило на ЦДУ.

 

 

DW