Хајрулахи: Бубевски ми рече дека предметот Делчевски ниви со ЕВН е сензитивен и го набљудуваат големи политички моќници

Во случајот „Делчевски ниви“ обвинителот Гаврил Бубевски дојде и ми рече „ова е многу сензитивен предмет и го набљудуваат големи политички моќници“. За мене се тие тотално небитни. Му реков политика надвор, излези на мостот ОКО и терај си политика, во обвинителство нема политика – вели вишиот јавен обвинител, Мустафа Хајрулахи, кој моментално е суспендиран, објави РЕПУБЛИКА.

Во разговор за Плусинфо, Хајрулахи нагласува дека од чист граѓанско-правен однос сакале да направат кривично дело, со што ги уништиле луѓето кои се водеа како осомничени во предметот.

Ги уништија луѓето непотребно. И на крај обвинителот којшто постапуваше по предметот донесе наредба за запирање на истрага, дека немало елементи на кривично дело. Тоа е чист граѓанско-правен однос, мојата нива колку ќе ти ја продадам тебе. Дали метар квадратен по 20 евра или по 200 евра. Тоа е моја слободна диспозиција. Ден-денеска средствта не им се вратени на неколку од обвинетите. Лични средства – вели Хајрулахи.

Постапката за случајот ЕВН и „Делчевски ниви“, после сѐ, беше сопрена од истото Обвинителство кое го отвори случајот со што се потврдија сомнежите дека станува збор за класично монтиран политички предмет. Истото го посочи и самиот виш обвинител, Хајрулахи – големи политички моќници од претходната власт на СДСМ.

Основното јавно обвинителство Скопје тврдеше дека немало друг избор освен да ја прекине постапката и да ја затвори истрагата. Се покажа дека се работи за „намерно конструиран“ предмет за да им се нанесе штета на дел од осомничените. Од истражната постапка, не произлегоа ниту материјални, ниту вербални докази, кои би го потврдиле основното сомнение, дека делата, кои им се ставаат на товар на осомничените, се кривични дела, за кои, се гони по службена должност, односно произлезе дека пријавените не презеле дејствија, кои ги сочинуваат битијата на пријавените кривични дела.

Со ова се затвори случајот ЕВН и Делчевски ниви и до ден-денеска нема никаква одговорност од надлежните обвинители, Љубомир Јовевски и Гаврил Бубевски.

извор: РЕПУБЛИКА