Хегсет: Украина не може да се врати на границите од 2014

Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, во средата изјави дека членството на Украина во НАТО е нереално и сугерираше дека земјата треба да се откаже од надежите за враќање на своите граници од пред 2014 година и да се подготви за договорено решение со Русија, кое ќе биде поддржано од меѓународни трупи.

Хегсет ги даде овие коментари за време на првата посета на НАТО од страна на член на новата администрација на Доналд Трамп. Сојузниците со нетрпение очекуваа да дознаат колкава воена и финансиска поддршка Вашингтон има намера да ѝ обезбеди на украинската влада.

Она што го слушнаа беше дека претседателот Доналд Трамп е решен Европа да ја преземе најголемата финансиска и воена одговорност за одбраната на Украина, вклучително и можни мировни сили кои нема да вклучуваат американски трупи. Хегсет изјави дека тие сили не треба да бидат заштитени со членот пет од договорот на НАТО, што би можело да наложи САД или другите 31 земји-членки на алијансата да им притекнат во помош ако дојде до контакт со руските сили.

„Нема да бидат распоредени американски трупи во Украина,“ изјави Хегсет.

Границите- илузија
Обраќајќи се пред Контакт-групата за одбрана на Украина, Хегсет рече дека западните поддржувачи на Украина мора да се откажат од „илузорната цел“ за враќање на земјата на границите пред 2014 година, пред Русија да го анектира Кримскиот полуостров и да заземе делови од источна Украина.

„Членовите на оваа контакт-група мора да одговорат на моментот,“ рече Хегсет пред околу 50-те земји-членки кои обезбедија поддршка за Украина од почетокот на целосната руска инвазија во 2022 година.

„Ве слушаме,“ одговори британскиот секретар за одбрана, Џон Хили, на почетните забелешки на Хегсет. И Хегсет и Хили зборуваа пред новинарите на почетокот на сесијата зад затворени врати во Брисел, каде што се дискутираше за идната помош за Украина.

За речиси три години, овие 50 земји заедно ѝ обезбедија на Украина повеќе од 126 милијарди долари во оружје и воена помош, од кои повеќе од 66,5 милијарди долари од САД, кои беа претседавач на групата од нејзиното основање.

Но, оваа недела состанокот го организираше Обединетото Кралство, а сè уште не е донесена одлука кој би можел да претседава со следниот состанок, доколку се закаже.

Не се очекуваше Хегсет да објави нови испораки на оружје за Украина.

Неговото патување се случува помалку од две недели пред третата годишнина од руската инвазија на 24 февруари 2022 година. Повеќето американски сојузници стравуваат дека рускиот претседател Владимир Путин нема да застане на границите на Украина ако победи и дека најголемата копнена војна во Европа во последните децении претставува егзистенцијална закана за нивната безбедност.

 

DW