Херцеговина – спој на османлиската и медитеранската културна сфера од сите страни ве опкружена со траги од богата историја

Херцеговина е регион во рамки на државата Босна и Херцеговина, за којшто поголемиот број Македонци имаат сознание дека е каменит и пуст регион, го паметат по градот Мостар и стариот камен мост, реката Неретва, можеби и по херцеговскиот тутун и доброто вино, објави Република. 

Сознанието на нас новинарите од сите поранешни Ју држави, дека Херцеговина, особено делот околу градовите Мостар, Чапљина и Љубушки се вистинска „оаза во каменот“, го стекнавме благодарејќи на поканата на Друштвото на туристички новинари на БиХ (ФИЏЕТ), во основање и домаќините Херцеговско-неретванската жупанија и градот Љубушки, раскажува во својата репортаѓа за Херцеговина, новинарот на МИА, Оливер Бранковиќ.

Во продолжение ја пренесуваме репортажата на Бранковиќ во целост.

Јужниот дел на Херцеговине не е добро познат, како на соседните земји, така и на Европа и пошироко. Целта ни беше да ја промениме таа слика и да покажеме, дека ова е простор кој би требало да се посети, на различни начини да се ужива, преку активен одмор со многу приступачни цени. Она што сакавме да покажеме, и во Мостар, и во Почитељ и во Љубушки, што е само дел од она што треба да се посети во Херцеговина, е дека има одлична гастрономска понуда и вина, автохтона органска храна, дека има неоткриени природни убавини и да покажеме дека овој дел има богато културно-историско наследство од римскиот период до денес.

Ова подрачје на јужна и западна Херцеговина го избравме за новинарите од Словенија до Македонија, бидејќи мислиме дека е најинтересно и најблиску до овие земји и веруваме дека на овoј начин ќе придонесеме на афирмација на БиХ како туристичко одредиште, ни изјави новинарот Дејан Јазвиќ, еден од оснивачите на Фиџет БиХ.

Нашето откривање на „Оазата во камен“ го почнавме од Сараево, патувајќи кон Херцеговина долж реката Неретва за Мостар, еден од најубавите градови во Босна и Херцеговина. Мостар е и административно седиште на Херцеговско-неретванската жупанија и се наоѓа и на листата на заштитено културно наследство на УНЕСКО. Познат е по познатиот Стар мост, изграден во 16 век, кој е урнат за време на војната во 1993 година, за по војната повторно да биде изграден.

Шетајќи низ неговиот центар, која е спој на османлиската и медитеранската културна сфера од сите страни ве опкружуваат траги од богата историја.

Позицијата на Мостар на светските туристички мапи овозможи да има бројни традиционални дуќани, занаети, ресторани, кафулиња, барови, слаткарници со баклави што придонесуваат да вибрира со животот. Понудата е навистина сеопфатна, од едноставни тематски ресторани и традиционални ресторани, до ресторани кои нудат веганска храна и на десетици видови хамбургери кои вклучуваат локални состојки.

Вечерта уживавме опкружени со лозја и фонтани на ресторанот „Романтика“, а на менито беше козјо, кравјо, ливанско сирење, кајмак и херцеговски тенки уштипци и пршута. Потоа одлична телешка рагу чорба, јагнешки печења и десерти, сето тоа придружено со локални вина, од кои особено нè импресионираше Теута од сортата „трњак“.

Одејќи од Мостар на југ понатаму кон Чапљина и Јадранското море, патот не одведе во блискиот Почитељ, каде вреди да се застане.

Тоа мал град-тврдина од 14 век, кој е вклучен во списокот на светското културно наследство на УНЕСКО. Почитељ интензивно се гради од втората половина на 16 век преку вкрстување на две архитектонски традиции, на ориенталната и медитеранската и неговото културно богатство е зачувано до наше време преку џамијата на Шишман Ибрахим Паша, Почитељската саат-кула, медресата, амамот, анот, куќата на Гавранкапетановиќ.

Блиску до Почитељ, на реките Неретва и Крупа е паркот на природата Хутово Блато, кој се смета за едно од најголемите места за презимување на птиците во Европа. Во него се регистрирани дури 263 видови птици и 45 видови риби, од кои 13 се ендемски. Забележана е и појавата на Рисот, кој речиси е изсчезнат на Балканот.

Паркот има шест езера и означени пешачки патеки, можни се возење со бродчиња, а има и адреналински парк. Можете да преноќите во хотелот „Парк“, кој се наоѓа во паркот на природата, а меѓу многуте деликатеси што се нудат, ви ги препорачуваме брудетот од јагула и жаби и особено јагула на скара. Вреди да се вкусат и риби од Неретва и дивеч од околните шуми.

Текстот во целост на: Република. 

фото: Република.