Холандија ставил во мирување голем проект поврзан со Судскиот совет, кој стана нелегитимно тело, вели холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп.
Во интервју за „Радио Слободна Европа“, покрај за судството тој упати критики и за борбата против корупцијата, каде според него, земјава нема речиси никаков напредок. Вели дека доколку нешто не се промени набрзо, желбата за членство во Унијата до 2030 година ќе остане илузија.
-Случајот со Судскиот Совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Сускиот совет. Ситуацијата е многу сериозна, вели – Дирк Јан Коп – Амбасадор на Холандија.
Од судскиот совет, пак велат дека за сега нема да ги коментираат тврдењата на холандскиот амбасадор за ставање во мирување на проектот со Холандија, и додаваат дека прашањето ќе биде тема на утрешниот работен колегиум на советот.
-Ова прашање ќе биде тема на утрешниот работен колегиум, на кој членовите на СС ќе дискутираат за сите важни аспекти поврзани со овој случај, по што ќе заземе и став како да продолжи овој важен проект и во иднина. Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев размислува и да предложи средба со холандскиот амбасадор, на која ќе може да се разговара за сите отворени прашања, но и како да се унапреди долгогодишната соработка со оваа амбасада, која досега беше на завидно ниво. — Судски совет.
Случајот со Судскиот совет почна минатиот месец кога потпретседателот на Советот Селим Адеми ја разреши претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, иако немаше таква точка на таа седница. Тој прво побара таа сама да даде оставка, а откако таа одби, тој со помош на останатите членови на Советот ја разреши. Инаку, покрај за судството холандскиот амбасадор упати порака и за уставните измени. Уверува дека нема да има ново вето за земјава бидејќи со промена на уставот започнува втората фаза на преговорите.
-Ако ги слушате ВМРО-ДПМНЕ ќе забележите дека таа партија нема проблем со содржината на овој договор. Па што е тоа што ги натера да бидат надвор од ова, тоа нема врска со Бугарија. Некои луѓе од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе преговараат за подобар договор. Тоа се бесмислици. Нема подобар договор од овој. Ако Преамбулата на Уставот се смени, тогаш втората фаза од преговорите е автоматска и не може да има вето таму, истакна Дирк Јан Коп – Амбасадор на Холандија.
Според Коп, Македонија треба да се фокусира на реформската агенда која според него е клучна за брзината на пристапување кон ЕУ, а од скрининг процесот кој е во тек ќе се знае во кој дел земјава треба да се посвети на патот кон членство.
Извор: „Радио Слободна Европа“