Институтот за статистика на Холандија (CBS) објави дека 1.675 деца се одделени од своите семејства како резултат на грешките во некои проценки што ги направиле службениците на Даночната служба, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот го објави бројот на деца земени под државна заштита од семејства кои се соочиле со правни, социјални и финансиски проблеми во периодот 2015 – 2021 година, до кои дошло поради лошото управување со поддршката за згрижување деца.
Во соопштението се наведува дека поради грешките во проценките што ги направиле службениците на Даночната служба, на семејствата им биле скратени бенефициите за детска грижа под обвинение за „фалсификување документи“ и ретроспективно, од семејствата била побарана да вратат голема сума, а тоа предизвикало финансиски колапс на семејствата, по што децата им биле одземени со образложение дека ја занемариле грижата за нив.
На барање на холандското Министерство за правда и безбедност, ажурирани се листите за надомест за грижа на деца, по што е дојдено до податокот дека 1.115 деца „по грешка“ биле земени под државна заштита во периодот 2015 – 2020 година, а 560 деца во 2021 година.
Холандската Влада минатиот месец формира специјален тим кој ќе работи заедно со општините и центрите за младинска грижа, со цел децата под државна заштита да можат повторно да се обединат со своите семејства.
Во студијата што ја спроведоа педагози и адвокати од Универзитетот „Лајден“ во Холандија, утврдено е дека правниот систем во земјата е недоволен за да ги заштити децата кои биле земени под државна заштита поради финансиски тешкотии на нивните семејства.
Се забележува дека судиите не биле во можност соодветно да проценат дали е неопходно децата да се стават под државна заштита и за можноста за нивно повторно обединување со своите семејства.
Холандскиот Парламент денеска ќе расправа за наодите од ова истражување.
Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА).