Серијата експлозии Келн се поврзани со пресметки на организирани криминални банди, сметаат полицијата и обвинителството во германскиот град. Во експлозиите кои беа подметнати во објекти во самиот центар на Келн, немаше потешко повредени, но беше причинета материјална штета.
Растат стравовите дека е ова уште една епизода од можната мафијашка војна меѓу конкурентски холандски и германски криминални мрежи. Пред неполн месец внимание привлече случајот со киднапирање и малтретирање на еден маж и една жена во Келн. Киднапирањето веројатно е чин на одмазда за неплатена пратка дрога.
Полициска акција во Келн: ослободување и апсења
Двете лица кои очигледно се членови на германска организирана криминална група, на почетокот на месецов беа ослободени со помош на акција на полицијата и специјалните сили. Како резултат на операцијата имаше четири апсења и рации во шест згради и објекти во градот, во кои беа уапсени уште двајца мажи. Во покраината Северна Рајна Вестфалија на западот на Германија имаше серија од најмалку девет експлозии во последните пет недели. Сите злосторства наводно одат на контото на т.н. „Мокро мафија”, поим кој го користат медиумите во Германија и Холандија за да означат организирани криминални банди кои иницијално се формирани претежно од холандско-мароканското население. Поимот е многу спорен бидејќи некои засегнати го доживуваат како многу расистички. Холандската мафија е само една од 821 злосторнички организации, кои Европол ги има утврдено низ цела Европа и кои имаат повеќе од 25 илјади членови.
Експлозиите пред влезни врати на објекти се метода на заплашување која често ја користат припадниците на холандската Мокро мафија. Холандската полиција потврди дека на 24 август експлодирала направа пред продавница од истиот моден бренд кој беше нападнат и во средата во Келн.
Развој на насилничките тенденции во „Мокро мафијата”
Иако поимот е нашироко познат за таквите холандски банди, меѓу другото и благодарение на истоимена серија која се емитуваше и во Германија, повеќето криминолози и полицајци се согласни дека групата во меѓувреме нема хомоген етнички идентитет.
„Т.н. Мокро-мафија во 90-тите започна со увоз на канабис во Холандија и подоцна го прошири бизнисот на кокаин “, вели Дирк Пеглов, шеф на германското здружение на крим-полицајци за ДВ. „Си имаме работа со една група чиишто структури се етаблирани со децении, и во која одамна членовите не се само Мароканци”, додава тој.
Сличности и разлики во однос на други групи
Но, се чини дека мафијата е значително поподготвена на насилство отколку другите организирани банди во Германија. Во медиумите кружат приказни за комори за измачување, пресечени глави и дури и наводни планови за киднапирање на холандската престолонаследничка Амалија. Познатиот холандски криминолог Кирил Фијнаут проценува дека секоја година меѓу 10 и 20 лица се убиени од страна на мафијата. „Во сите групи подготвеноста на насилство е прилично голема”, вели Махмуд Џараба, политиколог и криминолог во Истражувачкиот центар за ислам и право во Европа. „Во оваа група подготвеноста за примена на насилство е поголема”, вели тој и во однос на структурите и праксата на работа вели дека групите се слични една на друга. „Арапските ‘кланови’ во Германија многу не се разликуваат, главните членови потекнуваат од одредена фамилија, но тоа не се затворени групи”, вели Џараба за ДВ и додава дека „без нивните мрежи во и надвор од Германија и Холандија тие не би преживеале.”
Убиства на сведоци и противници
Бруталноста и бескрупулозноста се покажа во Холандија пред сѐ во 2021 година со убиството на Петер де Врис. Познатиот новинар кој известуваше опширно за организираниот криминал во земјата, во Амстердам по телевизиски настап беше застрелан во глава на сред улица. Едно од три убиства кои се третираат во повеќегодишни судски процеси. Покрај де Врис убиени беа и братот на крунскиот сведок и еден јавен обвинител. 17 обвинети, меѓу кои и шефот на бандата Ридван Таги, во февруари годинава беа осудени на долги затворски казни заради повеќекратни убиства и обиди за убиство. Таги и тројца други мафијаши беа осудени на доживотни казни затвор. Во јуни годинава беа осудени уште шестмина други за убиството на де Врис. И покрај правните успеси, се чини дека криминалните мрежи се шират дури и во правец на Германија. „Во Северна Рајна Вестфалија видовме дека групата е активна и во Германија и дека во криминалните дејствија покажува бруталност со која се прифаќа дури и повредувањето или смртта и на недолжни лица”, вели Пеглов.
DW