Повеќе од 420 холивудски актери, режисери и професионалци од индустријата потпишаа отворено писмо во кое ја повикуваат американската Влада да ги заштити авторските права од употребата на вештачка интелигенција во креативните дела, објави „Си-би-си њуз“ денес, пренесува Анадолу.
Писмото, кое е иницијатива на актерката Наташа Лион и потпишано од познати личности како Бет Мидлер, Обри Плаза, Марк Рафало и Кејт Бланшет, предупредува дека олеснувањето на авторските закони за да се дозволи обука на вештачка интелигенција со креативни содржини може да ја поткопа економската стабилност на индустријата.
Овој повик следуваше по неодамнешните препораки од ОпенАИ и Гугл, кои предложија олеснување на авторските ограничувања за да им се овозможи на развивачите на вештачка интелигенција да користат постоечки содржини за обука. Гугл тврди дека ваквата употреба спаѓа под „фер употреба“ и не би имала значително влијание врз носителите на авторските права.
Сепак, холивудските креативци изразија длабока загриженост. Во писмото се нагласува дека филмската индустрија поддржува над 2,3 милиони работни места во САД и генерира повеќе од 229 милијарди долари годишно во плати, предупредувајќи дека компаниите за вештачка интелигенција сакаат да ја „подријат оваа економска и културна сила“.
Актерите веќе подолго време се спротивставуваат на влијанието на вештачката интелигенција во филмската продукција.
За време на договорните преговори во 2024 година со Синдикатот на актерите на САД (SAG-AFTRA), кој претставува над 160.000 изведувачи, регулирањето на вештачката интелигенција беше една од клучните точки.
Синдикатот бараше актерите да дадат согласност и да добијат соодветен надомест пред студијата да можат да ги користат нивните дигитални ликови.
По 118-дневен штрајк, конечниот договор вклучи одредби што бараат согласност и компензација секогаш кога вештачката интелигенција ќе се користи во филмските и телевизиските продукции.