Холштајн: За нас, како Европејци, клучен предизвик е и понатаму сложно да дејствуваме

Денот на германското единство

 не е само многу важен историски датум за Германија, туку и за целиот свет. Германското единство ја симболизира демократската преобразба на Европа и заложбите за општество на еднакви граѓанки и граѓани, во кое се почитуваат човековите права и слободи. Ова е една од темите за кои Цивил Медиа разговараше со Амбасадорката на Германија во Северна Македонија, Н. Е. Анке Холштајн.

Лично за Амбасадорката Холштајн, германското обединување пред 32 години е посебен настан.

„За мене германското повторно обединување е нешто посебно. Јас сум родена и порасната во ГДР, мојот сопруг исто така, и ние сме дел од оние кои излегоа на улиците во Лајпциг за да бараат слобода и демократија. Без падот на Ѕидот јас никогаш не би станала германска дипломатка и денес не би седела тука“ – се сеќава Холштајн.

ХРАБРОСТА НА ГРАЃАНКИТЕ И ГРАЃАНИТЕ НА ГДР ПОКАЖА ДЕКА ДЛАБОКИ ЈАЗОВИ МОЖЕ ДА СЕ НАДМИНАТ И БЕЗ НАСИЛСТВО, ДЕКА МОЖЕ ДА СЕ СРУШИ СИСТЕМ И ДА СЕ ОСЛОБОДИ ПАТОТ ЗА ДЕМОКРАТИЈАТА И СЛОБОДАТА – Германската амбасадорка во Северна Македонија, Анке Холштајн (фото: А. Мехмети / ЦИВИЛ)

Според Амбасадорката Холштајн, германското обединување е пример како може да се надминат длабоките јазови и да се сруши систем без насилство.

„Храброста на граѓанките и граѓаните на ГДР покажа дека длабоки јазови може да се надминат и без насилство, дека може да се сруши систем и да се ослободи патот за демократијата и слободата. Но, без поддршката на нашите партнери, нашите пријатели во светот, кои веруваа во мирниот и демократски развој на повторно обединета Германија во Европа сето тоа немаше да биде можно“ – изјави германската амбасадорка во интервјуто за Цивил Медиа.

Холштајн, исто така, се осврна и на поддршката од пријателите на Германија во светот.

„Но, без поддршката на нашите партнери, нашите пријатели во светот, кои веруваа во мирниот и демократски развој на повторно обединета Германија во Европа сето тоа немаше да биде можно“ – рече Амбасадорката Холштајн.

БЕЗ ПОДДРШКАТА НА НАШИТЕ ПАРТНЕРИ, НАШИТЕ ПРИЈАТЕЛИ ВО СВЕТОТ, КОИ ВЕРУВАА ВО МИРНИОТ И ДЕМОКРАТСКИ РАЗВОЈ НА ПОВТОРНО ОБЕДИНЕТА ГЕРМАНИЈА ВО ЕВРОПА СЕТО ТОА НЕМАШЕ ДА БИДЕ МОЖНО – Н. Е. Анке Холштајн (фото: А. Мехмети / ЦИВИЛ)

ЦИВИЛ МЕДИА: По 17 години чекање, конечно, портите на ЕУ се отворија за Северна Македонија и Албанија. Се разбира, ова е голема промена во општеството, политиката и економијата во земјата. Кои се, според Вас, главните предизвици и перспективи во овој процес кој тукушто започна?ХОЛШТАЈН:

 Најпрво се радувам многу што овој енормно важен пробив за првата меѓувладина конференција стана конечно можен. Лично ми е жал што патот до таму беше толку фрустрирачки, долг и макотрпен и толку многу се бараше од Северна Македонија. Одлуките беа вистински, но на патот дотаму изгубивме дел од срцата и умовите на луѓето, задача на Европската Унија и нејзините земји-членки е, особено на Германија, сега да ги придобие назад срцата и умовите на луѓето и да им докаже дека одлуките биле вистинските.

Скрининг-процесот за Албанија и за Северна Македонија започна целосно идентично, нема разлики, единствената разлика меѓу двете земји е дека на Северна Македонија ѝ престојат уставни промени, за покрај другите етницитети и Бугарите да се внесат во уставот. Се надевам дека сите демократски и кон Европа пријателски насочени сили во земјата разбираат дека тоа е чекор што едноставно мора да се направи. Во спротивно, следните месеци и години ќе се карактеризираат со она за кое ние во Германија имаме убава поговорка „макотрпноста на рамнината“. Станува збор за тоа acquis communautaire, заедничкото право на Европската Унија да се преточи и спроведе во националното право. Темпото на реформскиот процес во Северна Македонија ќе одреди колку брзо земјата може да стане полноправна членка на ЕУ.

Реформскиот процес не е цел сама за себе, туку станува збор за тоа земјата опширно да се модернизира и да се подготви, на пример, и пазарот да може да го издржи пазарот на Европската унија. Или системот на правната држава, поглавјето што прво се отвора и последно се затвора, навистина да одговара на европските стандарди, да не е на хартија, туку да е реалност. Овој опширен процес на реформи и модернизација е за луѓето во земјата, тие имаат корист од него.

Северна Македонија може да се потпре на неограничената поддршка од Германија во овој процес.

СИСТЕМОТ НА ПРАВНАТА ДРЖАВА, ПОГЛАВЈЕТО ШТО ПРВО СЕ ОТВОРА И ПОСЛЕДНО СЕ ЗАТВОРА, НАВИСТИНА ДА ОДГОВАРА НА ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ, ДА НЕ Е НА ХАРТИЈА, ТУКУ ДА Е РЕАЛНОСТ – Германската амбасадорка, Анке Холштајн (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

ЦИВИЛ МЕДИА: Неодамна, германскиот канцелар Олаф Шолц најави рестартирање на Берлинскиот процес, кој започна во 2014 година, но не беше активен две-три години. Во меѓувреме, се роди иницијативата Отворен Балкан, како и други проекти за регионално поврзување. Дали постојат можности, според Вас, Берлинскиот процес како еден голем и комплексен зафат, да ја вклучи иницијативата Отворен Балкан, односно сите заедно да станат еден голем, заеднички процес? Кои се предизвиците?

ХОЛШТАЈН: Тоа е идејата, сè што може да се направи за да се подобрат разбирањето и соработката меѓу земјите во регионот да се стави во рамките на Берлинскиот процес. Една од големите цели на Берлинскиот процес е заедничкиот регионален пазар за сите шест земји. Отворен Балкан е сигурно прв чекор кој прави смисла за патот дотаму, но не инклузивно, бидејќи има земји кои не спаѓаат во него и затоа е ограничен во своето делување и корист. Заедничкиот регионален пазар, како што беше подготвен во рамките на Берлинскиот процес со заедничко македонско-бугарско претседателство во Софија, би ги вклучил сите шест земји заедно. Во моментот течат преговори за да има напредок.

АКО СЕ НАВРАТИМЕ НА ПОЧЕТОЦИТЕ НА БЕРЛИНСКИОТ ПРОЦЕС, ТОЈ НАВИСТИНА ПОСТИГНА МНОГУ. ВО 2014 ГОДИНА КОГА БЕШЕ ПРВАТА СРЕДБА, СРБИЈА И КОСОВО ЗА ПРВПАТ СЕДЕА НА ИСТА МАСА ЗАЕДНО СО ЗНАМЕТО И ИМЕТО НА ДРЖАВАТА – Германската амбасадорка, Анке Холштајн (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Точно кажавте, сојузниот канцелар Шолц планира повторно да го заживее Берлинскиот процес. Веќе се одржа дигитален самит во Приштина минатата недела, ќе следат средби на министрите за внатрешни работи, за економија и енергетика, за надворешни работи, а на 3 ноември ќе има Самит во Берлин и се надеваме, по можност, на конкретни резултати. Се надеваме дека овој заеднички регионален пазар навистина ќе можеме да го заживееме.

Ако се навратиме на почетоците на Берлинскиот процес, тој навистина постигна многу. Во 2014 година кога беше првата средба, Србија и Косово за првпат седеа на иста маса заедно со знамето и името на државата. Или ако помислиме на укинувањето на роамингот во регионот, што немаше да се случи без Берлинскиот процес. Или на моето омилено дете од Берлинскиот процес: Регионалната канцеларија за младинска соработка. Таа неодамна ја спроведе програмата „Супер училишта“ каде што ученички и ученици од различни места во регионот се среќаваат, се запознаваат, ги рушат предрасудите и забележуваат дека и другите не се толку поинакви. Тоа му треба на регионот за заедничка иднина.

ЛИЧНО, ПОМИСЛАТА ДЕКА ВО СЕКОЈ МОМЕНТ, ДУРИ И ВО ОВОЈ ДОДЕКА НИЕ ЗБОРУВАМЕ, УМИРААТ ЛУЃЕ ВО УКРАИНА ЗА НАШАТА СЛОБОДА И НАШИТЕ ВРЕДНОСТИ, МИ Е ТЕШКО ПОДНОСЛИВА – Германската амбасадорка, Анке Холштајн (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

ЦИВИЛ МЕДИА: Светот е погоден од тешките последици од бруталната руска агресија против Украина. Во реакцијата на слободниот свет, Германија е меѓу водечките држави. Се чини дека не добива толку признание во споредба со тоа колкава помош пружа, веројатно поради колебливоста во првите денови од војната, да испрати директна воена помош на Украина. Меѓутоа, германија останува многу силен сојузник на слободниот свет кој ѝ помага на украинската нација да се избори за мир и слобода. Северна Македонија му се придружи на тој слободен свет, но се соочува, како и другите земји, со поларизација во општеството во овој контекст. Кој е патот напред?

ХОЛШТАЈН: Дозволете ми најпрво да кажам дека Германија исклучително цени што Северна Македонија многу брзо, во првите часови се приклучи на санкциите на ЕУ кон Русија, како и на претходните санкции уште од 2014 година. Од самиот почеток Северна Македонија се придржува на принципите, Парламентот ја осуди агресорската војна, земјата прифаќа бегалци, земјата испраќа оружје, и се приклучува и понатаму кон сите санкции, ги поддржа соодветните декларации во ОН, тоа е став кој ние високо го цениме и сме благодарни за него.

Лично, помислата дека во секој момент, дури и во овој додека ние зборуваме, умираат луѓе во Украина за нашата слобода и нашите вредности, ми е тешко поднослива.

Верувам дека во иднина е клучно Европската Унија и понатаму да остане сложна, тоа е предизвик.

Само кога Европската Унија и сите мирољубиви демократски слободни земји и понатаму останат сложни, цврсто и заедно, можеме заеднички да се надеваме дека оваа војна наскоро ќе заврши.

Таков еден крај мора во секој случај да го гарантира територијалниот интегритет на Украина.

Како што реков, за нас како Европејци клучен предизвик е: мораме и понатаму сложно да дејствуваме. Мојот омилен цитат од Барак Обама е: „ЕУ е мојот најдобар партнер кога е обединета“.

Џабир Дерала
Камера: Атанас Петровски
Монтажа и фотографија: Ариан Мехмети