Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска го претстави владиниот пакет мерки за ублажување на влијанието од поскапувањето во вредност од над 21 милијарда куни, што ги ограничува цените на струјата, гасот и основните прехранбени производи.
Пакетот вклучува и мерки за субвенционирање и помош за граѓаните, јавниот и приватниот сектор.
– За да ги заштитиме граѓаните, економијата и општеството, повторно одиме со силна интервенција – рече Пленковиќ на владиниот состанок, нагласувајќи дека мерките се силни, правични и сеопфатни.
Според владиниот пакет, домаќинствата од 1 октомври до 31 март ќе плаќаат по 59 евра за мегават час за потрошувачка до 2.500 киловат часови, а во просек 88 евра за поголема потрошувачка.
Во категоријата домаќинства се префрлаат градинките, училиштата, факултетите, пензионерските домови, невладините организации, верските здруженија, општините и градовите, а за нив универзалната цена ќе биде 62 евра за мегават час.
novamakedonija.mk