Хрватска: Претседателот Милановиќ пред втор мандат?

Поддржувачите на Зоран Милановиќ имаа што да видат едно неделно утро кон средината на декември 2024 година. На почетокот на изборната кампања во преполната сала во Загреб, актуелниот претседател на земјата членка на ЕУ и кандидат на претстојните претседателски избори (29 декември 2024 година) се претстави на за него вообичаениот борбен начин.

Откако публиката го поздрави Милановиќ со громогласен аплауз, тој остро ги нападна премиерот Андреј Пленковиќ и неговата влада. Претседателот го обвини шефот на владата за корупција и непотизам и го опиша Пленковиќ како „пудлица“ и „марионета на Брисел“, како човек кој одобрува сè што одлучува Европската унија – и притоа не обрнува внимание на националните интереси на Хрватска. Останатите кандидати во трката за претседател беа само предмет на потсмев за Милановиќ, за кои како што рече, воопшто и не сака да зборува бидејќи „орел не лови муви“.

Самодовербата на Милановиќ има основа. Актуелниот претседател со недели води на сите анкети во трката за нов петгодишен мандат, а поддршката што ја ужива меѓу гласачите според последните податоци изнесува 39 проценти. Неговиот најсериозен ривал, Драган Приморац, кандидатот на владејачката национално-конзервативна Хрватска демократска заедница (ХДЗ), има 23 проценти поддршка. Ивана Кекин од лево-зелената партија „Можемо!“ и независната кандидатка Марија Селак Распудиќ многу заостануваат со по околу девет проценти.

Хрватски Трампизам
„Милановиќ воопшто нема програма“, посочува загрепскиот политиколог и политички аналитичар Жарко Пуховски во интервју за ДВ, кој додава дека Милановиќ „е програмата“. Тоа што Милановиќ го практикува е „еден вид Трампизам“, продолжува Пуховски. „Тој се претставува како човек со јасни зборови, јасни претстави, кој не знае за пардон. Тоа им се допаѓа на луѓето: силни мажи. Тоа го гледаме во моментов и во Унгарија и во САД“, вели аналитичарот.

Покрај тоа, на претседателот не му е грижа ниту за законите, ниту за државните институции на Хрватска. „Неколку пати го прекрши Уставот, одбива да соработува со владата и парламентот, ги игнорира одлуките на Уставниот суд, чии што судии ги опиша како досадни муви и гангстерски групи. На последните парламентарни избори (во април 2024 година, заб. на ред.) противуставно дозволи да биде предложен за главен кандидат на неговата Социјалдемократска партија – без да поднесе оставка од функцијата претседател, како што бараше Уставниот суд“, објаснува Пуховски.

Да за Европа – но Хрватска на прво место
Политички, Милановиќ, кој беше долгогодишен претседател на Социјалдемократската партија (СДП) и како таков шеф на владата од 2011 до 2016 година, не може да се оквалификува ни како јасно лев, ни како десен. Наместо тоа, се стилизира како бестрашен борец против корупцијата што ја нагризувадржавата и непотизмот на владејачката ХДЗ – но, истовремено ги игнорира централните институции на хрватската држава.

Од една страна, Милановиќ ја нагласува припадноста на Хрватска во западниот свет и во ЕУ – но, од друга страна тој инсистира дека притоа интересите на Хрватска секогаш треба да бидат на прво место. Тој го потенцира потеклото на хрватската државност во антифашистичката борба на југословенските партизани за време на Втората светска војна – но, доделува медали на хрватските војници кои во 1990-тите се бореа за хрватската независност од Југославија со слоган на усташките фашисти.

 

 

 

DW