Федерален апелационен суд во четвртокот врати на сила голем дел од обемните царини на претседателот Доналд Трамп. Претходно, понизок суд ѝ го ускрати на владата овластувањето да воведе далекусежни царини според законот за итни случаи.
Судот за федералната област Вашингтон сега го разгледува случајот, се вели во одлуката, од двете страни е побарано да достават дополнителни изјави.
Питер Наваро, советник за трговска политика во Белата куќа, во четвртокот изјави дека администрацијата на Трамп ќе се обиде да ги наметне царините преку други средства доколку на крајот ги загуби правните битки околу својата трговска политика.
Надлежниот Суд за меѓународна трговија во Њујорк во средата донесе пресуда дека предметните царини мора „засега да бидат отповикани и нивната примена трајно да се забрани“. Одлуката ќе влијае на речиси сите царини воведени од администрацијата на Трамп – вклучувајќи ги казнените царини што републиканецот ги воведе на, како што тој го нарече „Денот на ослободувањето“ на почетокот на април, но исто така и одредени царини за стоки од Канада, Мексико и Кина.
Иако одлуката беше големо назадување и удар за агресивната трговска политика на Трамп, наредбата на апелациониот суд сега е прв успех за американскиот претседател – но не и конечен. Правниот спор околу ова најверојатно ќе се влече низ повеќе судски инстанци. Тоа не е ниту единствениот тековен правен спор околу царините на Трамп.
Белата куќа реагираше на првата одлука со остри критики. Судиите од Судот за меѓународна трговија „бесрамно ја злоупотребиле својата судска моќ за да ја узурпираат моќта на одлучување на претседателот Трамп“, изјави портпаролката на Трамп, Каролин Левит во американскиот главен град Вашингтон. Аргументацијата на Трамп за наметнување високи царини беше „правно издржана“ и заснована на здрав разум, тврди таа. Владината портпаролка изрази оптимизам дека случајот ќе биде добиен на суд.
DW