Изненадниот пресврт на Доналд Трамп и привременото повлекување на новововедените царини го доведе светот во неизвесност. Претседателот на САД, по големите нарушувања на берзите и финансиските пазари ширум светот, изненадувачки одлучи на многу земји да им даде пауза од 90 дена од наметнатите реципрочни царини. Курсот се заострува единствено кон Кина.
Берзите реагираа воодушевено на повлекувањето на трговските ограничувања, девизните курсеви масовно пораснаа. Со воведувањето царини, претседателот всушност и го предизвика падот. Се чинеше и дека инвеститорите би можеле да започнат да продаваат американски државни обврзници – загрижувачки развој за иднината на американските јавни финансии. Набљудувачите на пазарот шпекулираат дека тоа можеби довело до пауза во царините.
Дали е извршен притисок врз Трамп?
Самиот претседател, како објаснување за неговиот изненадувачки пресврт, рече дека „луѓето“ станале помалку немирни и „помалку исплашени“. Меѓутоа, и нервозата на Трамп можеше да одигра улога, откако американската влада со денови нагласуваше дека царините не се нешто што може да се собори или да се преговара за неколку дена или недели.
Американскиот експерт за трговија, Лаура фон Даниелс од германската фондација за наука и политика, вели дека Трамп добил голем притисок од финансиските пазари, но и од индивидуалните претприемачи. Курсевите на берзата се нешто што републиканецот особено внимателно го следи и што го придвижува.
Одлучувачки инсајдерски совет од претседателот?
Берзите со значителен пораст реагираа на повлекувањето на царините. Пазарот, мерен со берзанскиот индекс СиП 500, кој вклучува акции на 500 водечки компании од американската берза, поврати околу четири трилиони долари или 70 отсто од вредноста што ја загуби во претходните четири трговски дена. Коментарот на Трамп за тоа: „Тие велат дека тоа бил најголемиот ден во финансиската историја“. Меѓутоа, има и критики за пресвртот на Трамп – а обвинувањата за инсајдерска трговија се во воздухот. Непосредно пред Трамп јавно да го објави својот пресврт, тој понуди финансиски совет на социјалните мрежи: „Ова е одлично време за купување!!! ДЈТ“, напиша тој на својата платформа Трут соушал во средата наутро (по локално време). Помалку од четири часа подоцна, Трамп повлече дел од царините кои претходно ги воведе.
Акциите блиски до Трамп со огромни добивки
ДЈТ – иницијалите на Трамп – се, исто така, акционерски симбол на групацијата Трамп медиа и технолоџи, матичната компанија на платформата за социјална мрежа Трут соушал. Компанијата по објавата оствари плус од 22,67 отсто. Уделот од 53 отсто на Трамп во фирмата, кој сега го држи фондот под контрола неговиот најстар син Доналд Трамп Џуниор, тој ден се зголеми за 415 милиони американски долари. Скокот на девизниот курс во Tрамп медиа, сепак, беше надминат со акцијата на Teсла на владиниот советник Илон Маск. Растот на Teсла од речиси 23 отсто во средата го зголеми богатството на Маск за 20 милијарди долари. Министерот за трговија Хауард Лутник пред неколку дена ги повика граѓаните да купуваат акции на Teсла во живо преку телевизија, бидејќи никогаш повеќе нема да бидат поевтини.
„Може ефикасно и неказнето да манипулира со пазарот“
Некои демократи во американскиот Конгрес мислат дека сето тоа е наместена игра. Демократскиот сенатор Адам Шиф на платформата X напиша дека колебањето на Трамп за царините и пазарните флуктуации претставуваат „опасни можности за инсајдерско тргување“. Шиф праша: „Кој во владата однапред знаеше за неодамнешниот пресврт во врска со царините на Трамп? Дали некој купувал или продавал акции и профитирал на сметка на јавноста?“. Објаснување за ова побараа и други демократи.
Трамп испраќа „порака дека може ефикасно и неказнето да манипулира со пазарот“, рече Кетлин Кларк, експерт за владина етика на Правниот факултет на Универзитетот во Вашингтон.
„Му се допаѓа тоа, таа контрола врз пазарите, но треба да биде повнимателен“, вели критичарот на Трамп и поранешен адвокат за етика во Белата куќа, Ричард Пејнтер, истакнувајќи дека законите за хартии од вредност забрануваат тргување со инсајдерски информации. „Луѓето кои купуваа кога ја видоа таа вест заработија многу пари.“
DW