Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) објави дека цената на електричната енергија ќе се зголеми за најмногу еден отсто од почетокот на 2025 година. Кај домаќинствата и кај најголем дел од малите потрошувачи, ќе има намалување на мрежарината, вклучувајќи го преносот и дистрибуцијата, за седум проценти. До пролет нема да има никакви измени кај дневната евтина тарифа, а потоа ќе се прават анализи дали е можно да има дополнително уште еден час евтина струја во текот на денот.
„Во крајната цена на електричната енергија уделот на мрежарината е 38 отсто. Имајќи во предвид дека веќе ја знаеме и цената која што ја пријави и ЕСМ на тендерот на универзалниот снабдувач, која што изнесува 62 евра за мегават час, не очекувам покачувањето на електричната енергија на просечната цена за домаќинствата да биде поголемо од еден процент“, рече на прес-конференција првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Колку ќе поскапи струјата?
Колку точно ќе поскапи струјата, како и цената по одделни блокови на потрошувачи, ќе биде познато деновиве откако пресметките ќе ги направи универзалниот снабдувач ЕВН хоум. Цените ќе се однесуваат на регулираниот пазар на електрична енергија преку кој се снабдуваат домаќинствата и малите потрошувачи во Северна Македонија.
Според Бислимоски, цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија се зголемува за 5,68%, при што влијанието врз крајната цена е 4%. Цената за дистрибуција на електрична енергија се намалува за 5,52%, а влијанието на крајната цена изнесува 33%. Цената на операторот на пазарот на електрична енергија се зголемува за 19,8 проценти.
Делот од мрежарината што го плаќаат домаќинствата и 90 проценти од малите потрошувачи се намалува за седум проценти. Претходно мрежарината за домаќинствата изнесуваше 2,3 денари, а сега е 2,14 денари. Процентуалното учество на трошоците за мрежарина е 38 проценти.
Анализи за дневна евтина тарифа
Регулаторната комисија веќе извесен период прави анализи околу можноста за воведување на уште еден час плус евтина струја во текот на денот. Во моментот граѓаните можат да користат евтина струја во периодот од 13 до 15 часот и од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.
Но, анализите покажале дека цената на електричната енергија на најголемата берза во регионот, се најниски во периодот од 12 до 16 часот, а највисоки од 20 до 24 часот.
„Имајќи предвид дека домаќинствата веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа, се одлучивме до пролет да ја оставиме ситуацијата таква каква што е. Потоа врз основа на состојбата во АД ЕСМ ќе носиме понатамошни одлуки. Инаку, во однос на дневната евтина тарифа, Македонија е единствена држава во регионот што има евтина тарифа во текот на денот“, вели Бислимоски. Сега граѓаните можат да користат евтина дневна тарифа во периодот од 13 до
Тој најави дека во наредниот период Електродистрибуција ќе започне да набавува и паметни броила коишто ќе им овозможат на снабдувачите да дадат поинтересни понуди кај домаќинствата и на дневно ниво да ги известуваат каква би била цената наредниот ден.
DW