Црвен крст: Исплатени средства на семејствата на настраданите во несреќата во Кочани

Црвениот крст изврши исплата на средства на семејствата на сите починати и повредени лица, кои се лекуваат во странство од трагичната несреќа во Кочани, соопштија од таму и додаваат дека заклучно со денешниот ден собрани се 102.410.247 денари.

Од таму додаваат дека во тек е прибирање податоци за повредените лица хоспитализирани во болниците во државата во соработка со Службата за општи и заеднички работи на Владата.

„По добивањето на списоците веднаш, ќе се изврши исплата на средствата. Се надеваме во почетокот на наредната недела. Веднаш потоа ќе се пристапи кон усогласување на критериумите за исплата на преостанатите средства на настраданите“, се наведува во соопштението.

Од Црвениот крст наведуваат дека продолжува и психосоцијалната поддршка преку ангажирани над 100 психолози во соработка со Комората на психолозите на Македонија.

„Во соработка со училиштата се организира секојдневна поддршка за наставници и ученици за справување со настанатата ситуација, како и припадници на Противпожарната бригада и припадници на Министерството за внатрешни работи. На барање на универзитетите Црвениот крст организира обуки за прва помош и психолошка прва помош за студентите. Заедно со нашите партнери Црвениот крст ќе продолжи да обезбедува поддршка на семејствата на повредените во процесот на нивното враќање на секојдневното живеење преку развивање разни активности“, пишува во соопштението.

 

 

skopjeinfo.mk