Јужнокорејските власти денес соопштија дека црните кутии на авионот што се урна минатиот месец на Меѓународниот аеродром во Муан прекинале со снимање пред несреќата бидејќи недостасуваат последните четири минути пред експлозијата, објави Јонхап њуз, пренесува Анадолу.
Анализата на американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB) на снимачот на податоци за летот и снимачот на глас во пилотската кабина од патничкиот авион на „Џеџу ер“ покажа дека снимањето престанало на двата уреда скоро четири минути пред авионот да се судри со локализаторот на системот за слетување.
Експлозијата се случи точно во 9:03 часот на 29 декември, кога летот удри во бетонска тумба во која се наоѓаше локализаторската опрема, откако се излизга без отворена опрема за слетување.
И двата снимачи престанале со снимање во 8:59 часот.
„Истрагата опфати анализа на различни извори на информации, меѓу кои и записи од контролата на летање, видео снимки од падот и остатоци од местото“, велат истражителите.
Компонентите од црната кутија беа испратени до Националниот одбор за безбедност во сообраќајот во Вашингтон минатата недела за вкрстена верификација со цел да се осигура веродостојноста на податоците.
Јужнокорејските истражители испратени во Вашинготн треба да се вратат следната недела и да продолжат со истрагата.
Авионот на „Џеџу ер“ се урна при слетување на 29 декември, при што загинаа 179 луѓе. Само две стјуардеси беа спасени живи кои се наоѓале во опашката на авионот.
Официјален претставник на Министерството за сообраќај потврди дека пред падот птици удриле во авионот.