Големите шумски пожари во околината на Лос Анџелес принудија стотици илјади луѓе да ги напуштат домовите. Силните ветрови им ја отежнуваат борбата на пожарникарите со огнената стихија. Бројот на загинати расте.
До пред само неколку дена ова место во Малибу, Калифорнија, веројатно изгледаше како „рај на земјата“. Меѓутоа, по само три дена незапамтени шумски пожари во околината на Лос Анџелес сликата е застрашувачка. Огромни области во близина на калифорниската метропола се опустошени, додека топлите ветрови Санта Ана, типични за калифорниската зима, продолжуваат да ги разгоруваат пожарите и да го забрзаат нивното ширење. Овие ветрови ги зголемуваат температурите во Лос Анџелес и до 30 степени дури и во зима. Постои голема загриженост дека пожарите и натаму ќе се шират.