На денешната редовна седница на целосниот состав на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, за нов митрополит на овдовената Дебарско-кичевска епархија беше избран Високопреподобниот игумен о. Георгиј.
Почитувајќи ја одлуката на Светиот синод, нашето монашко братство, предводено од Старецот, Епископот Антаниски г. Партениј, му упатува срдечни честитки на новоизбраниот и молитвени благопожелби за богоблагословено архипастирско служење, исполнето со просветление, мудрост и пожртвувана љубов кон Христовото словесно стадо.
Кратка биографија на отец Георгиј (Ѓорѓевски)
Отец Георгиј, редовен професор и поранешен декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, е роден во Скопје во 1968 година. Завршил богословски студии во Скопје, а магистрирал и докторирал во Рим, на Понтификалниот универзитет „Грегоријана“. Има широко академско и црковно искуство, вклучувајќи и дипломатска служба како амбасадор на македонската држава во Ватикан. Автор е на неколку книги и научни трудови, а активно учествува во преведувачки и издавачки проекти.
Тој беше замонашен на 27 мај о. г., на 28 мај беше ракоположен за јероѓакон, а на 29 мај – за јеромонах. Неговото наречение за митрополит Дебарско-кичевски се очекува да биде на 12 јули, а хиротонијата на 13 јули.
Наречението на новоизбраниот Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 12 јули 2025 година, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник, а епископската хиротонија и интронизацијата за Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 13 јули 2025 година, на Павловден, во Соборниот храм на Охридските архиепископи „Св. Софија“ во Охрид.
На многаја лета!
Бигорски манастир