Честит именден, Ваше Блаженство!

Неискажливо благодатни и исполнети со божествена радост се овие пресветли денови на Рождественското торжество! Откако најпрвин со мудреците и пастирите се поклонивме пред Витлеемскиот Богомладенец, Ѝ оддадовме достојна чест и на Богомајката, Којашто во Себе Го смести Несместливиот, подарувајќи Му тело на Творецот на сѐ. Сега, пак, пред нас силно сјае славниот спомен на прекрасниот и совршен слуга Христов – Светиот Архиѓакон и Првомаченик Стефан. Овој родоначалник на ѓаконите и начало на мачениците прв со својата крв ја украси новозаветната Црква Христова, засветли како ангел во тело и во најдлабоко смирение и совршена љубов Му го предаде својот дух на Господа. И затоа Црквата Христова со неизмерна почит и радост си спомнува за неговиот светол спомен и го восхвалува неговиот добар подвиг и маченички венец.

Но, нашата света Мајка, Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, денеска има уште една дополнителна причина за радост: именденот на нејзиниот Претстоител и наш почитуван Архипастир, г. г. Стефан. Поведен од длабоката почит и љубов, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со целата своја монашка заедница, му посакува на Неговото Блаженство крепко здравје, долголетие, мудрост и благодатни сили од Господа во понатамошното носење на тешкиот крст како наследник на Светиклиментовиот престол и духовен пастир на словесното стадо, и ги запросува неговите свети молитви за духовно благоуспевање на нашето братство и сестринствата.

Нека светиот и славен Архиѓакон и Првомаченик Стефан молитвено го закрилува и помага нашиот Блаженејши Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан во подвигот на раководење со нашата Мајка Црква!

Честит именден и на многаја лета, Ваше Блаженство!

 

 

 

Бигорски манастир