Шилегов: Дел од јавноста оправдано е разочарана, треба да ја воведеме одговорноста и функционалноста на институциите на сите нивоа

Според, Петре Шилегов висок функционер на СДСМ и екс градоначалник на Скопје, институциите во Македонија се нефункционални на повеќе нивоа и нема правда и одговорност.

-Проблемот е подлабок, потребно ни е да направиме функционални институции, проблемот на немањето одговорност, општествена, политичка, кривична. Тоа значи дека имаме нефункционални институции на повеќе нивоа, истакна Шилегов за „Само интервју“ на Канал 5.

Шилегов говорејќи за измените во Кривичниот законик и правдата во земјава, рече дека сите случаи на СЈО, обвинителството не ги завршило и посочи дека органите не си ја работат работата.

-Ако немаме правда и органите на прогонот не си ја работат работата, без оглед за кого станува збор, во општеството нема да има мир. Дел од јавноста оправдано е разочарана, треба да ја воведеме одговорноста и функционалноста на институциите на сите нивоа, изјави Шилегов.